ВМРО-ДПМНЕ најде партнер за формирање на новата Влада

ВМРО-ДПМНЕ најде партнер за формирање на новата Влада. Во новиот мандат и во Собранието на Република Македонија, како и во новата коалициска влада, партиите ќе се фокусираат на економијата, која ќе биде приоритет, како и на евроинтеграциите. Двете партии ќе формираат мешовита група која ќе ги набљудува сите институции и ќе им помага

Vlada

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како партии кои ја добија најголемата доверба на граѓаните, одлучија да формираат ново парламентарно мнозинство, соопштија пред малку во заедничко соопштение двете партии. Во новиот мандат и во Собранието на Република Македонија, како и во новата коалициска влада, партиите ќе се фокусираат на економијата, која ќе биде приоритет, како и на евроинтеграциите. Двете партии ќе формираат мешовита група која ќе ги набљудува сите институции и ќе им помага.

„Партиите, согласно своите програмски определби и изборни ветувања одлучија главни приоритети на идното владино делување во наредниот период да бидат евроатлантските интеграции, како и економскиот развој на земјата, изразен преку реформи и проекти за подобрување на економската и социјалната состојба, нови работни места и инвестиции. Оттука ќе се формира и заедничка мешовита работна група од двете партии, за помагање, поддршка и проценка на работата на владата и ресорните министерства вклучени во евроатлантскиот интегративен процес. Економските ресори во владата, советот и соодветните владини институции ке работат со засилена динамика на зацртаните економски цели, се вели во соопштението.

Според двете партии, во периодот кој следи, а согласно програмските и утврдените постулати, особено до самитот на НАТО и Министерскиот совет на ЕУ, претставниците на оваа работна група ќе ги информираат редовно партиите за постигнатите резултати, и спроведените чекори, мерки и реформи на основа на што тие ќе одлучат за понатамошните чекори и постапки на  партиите кои ја сочинуваат владата“, се вели во соопштението.

Ресорите во Владата уште не се договорени.

„Преговарачките групи на двете партии продолжуваат да работат на усогласување на принципите врз основа на кои ќе функционираат партнерите во владата како и за поделба на ресорите. Партиите при договарањето на оваа коалиција пред се ги имаа интересот на граѓаните за овие прашања, како и контекстот на времето и моментот во кој се наоѓа Република Македонија, регионот но и пошироко“, стои во соопштението.

Коментари

Популарно