Боли поразот од Тунис, но повеќе болат солзите на нашите херои!

09.04.2016 година ќе биде запишан со огромни црни букви во македонската ракометна историја. Ден на кој на секој искрен љубител на ракометот, на секој Македонец му се скрши срцето! Солзи и гнев во очите на сите верни подржувачи на ракометарите. За прв пат „Фалангата“ со свирежи ги испрати Лазаров и другарите во соблекувалните.

Untitled

Ќе ве излажам ако речам дека и јас не бев лут, гневен на оние на кои „Срце на терен“ беше одлика, а вчера не видов ни срце, ни терен. Не ме здоболе толку поразот, колку односот. Немаше маж да потегне, да се развика, да тропне на земја, да потегне... Дека сум во право докажаа подоцна изјавите на Стоилов и Миркуловски. И тие вината ја најдоа во недостиг на тестостерон на теренот. Многу лично го доживеав овој пораз. Како јас да требаше да одам во Рио во црвено-жолт дрес, а дечките на терен да ми ја искинаа картата. Ми се сруши желба за ракомет, за спорт, е чувствував издаден, предаден. Во тој елемент ги дочекав изјавите на Борко Ристовски и Кире Лазаров... и тогаш видов што е болка. Кога мажиште како Кире плаче пред камера, кога Борко не може да ги скрие солзите. Во солзи се извинуваат и молат за прошка. Кога голманот повикува на единство, на подршка... тоа ти ја шири перспекивата. Болката од поразот остана, но кога овие мажишта плачат и мене ме болат нивните солзи. Дечките кои имаат направено повеќе од илијадници како мене за Македонија срушени и со наведнати глави немаа храброст да ја погледнат камерата. Заборавив на Тунис, на Рио, на сите порази и нервози кои ракометарите ми ги приредиле. Ми текна дека пред нив Македонија не можеше да се пласира на ниедно големо натпреварување. Ми текна на одбранетиот пенал во последна секунда во Португалија. Ми текна на победата над Исланд и светското во Хрватска. На ЕП во Србија и 100.000 ГОРДИ Македонци на плоштад. На 9то место во свет во Катар! Ми текна дека токму тие се „виновни“ за популаризацијата на ракометот во Македонија и за секој нов талентиран млад ракометар. Ми текна колку пати направиле да сум горд што сум Македонец, а сега тие засрамени бараат прошка од мене, бараат прошка од нас?!

10.04.2016 година е всушност далеку потежок ден за македонскиот ракомет. Десети Април е денот кога Македонија во неважен натпревар го победи Чиле и за последен пат го виде Наум Мојсовски во црвено-жолтиот дрес. Го виде јунакот од Струга како плаче! „Многу е тешко“, рече Наумче и ги избриша очите. И тој како и другарите од репрезентацијата, засрамен си заминува од Полска и од македонската репрезентација. Момчето што 19 години го потеше македонскиот дрес, до последен здив, до последен атом на силите, сега плаче пред нас. И тој бара прошка и жали за крајот на својата репрезентативна кариера. Жали што не ја однесе Македонија на ОИ.

Во ред е да жалиме за пропуштената Олимпијада во Рио. Во ред е да ни е криво што изгоревме во желба. Но, НИКАКО не смееме да се свртиме против најголемите Македонци во спортската историја на Македонија. Во Јуни заминува и Миркуловски, а блиску до таков потег се уште неколку ракометари од оваа најуспешна македонска репрезентација. Се надевам дека дел од нив ќе се предомислат и ќе останат доволно долго за младите кои доаѓаат да научат како се носи македонскиот дрес, како се бранат боите на Македонија. Се надевам дека и генерацијата во доаѓање, на Костевски, Тасевски, Неловски, Маџовски, Кузмановски... ќе ни донесе многу радост и тага. Затоа што радоста и тагата секогаш одат заедно. Се надевам дека и тие ќе не направат горди Македонци. Ќе го разбудат она патриотското во нас. Кога веење знаме е знак на почит, знак на љубов, на единство.

За Мојсоски и оние кои ќе му се придружат во репрезентативна пензија, но и за оние кои остануваат во репрезентацијата, а беа актери во болниот пораз од Тунис, ГЛАВАТА ГОРЕ момци!!! Секој има лош ден. Секој од нас доживеал тежок удар и неуспех. Но, ретки се оние кои можат да се пофалат со она што вие сте го направиле за Македонија! Тешки се вашите солзи, потешки од било кој пораз. Болат повеќе од пропуштената шанса и ОИ во Рио. Ќе има и други олимпијади и други шанси, но нема друг Мојсовски, Лазаров, Ристовски.... Затоа, ФАЛА ВИ ЗА СЕ и се гледаме во Јуни против Чешка!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно