Живко Мукаетов останува претседател на РФМ

Максимална подршка од сите ракометни клубови и здруженија за Живко Мукаетов да остане на чело на Ракометната Федерација на Македонија и по утрешното Годишно собрание.

мукаетовооо

Како што е веќе познато, Мукаетов најави повлекување од функцијата по неуспехот на националниот тим на предолимпискиот турнир во Гдањск, откако претходно изјави дека е подготвен да го преземе својот дел од одговорноста доколку не се оствари националниот сон – Македонија да игра на ОИ во Рио де Жанеиро. Тој веднаш по поразот од Тунис уште во Гдањск за ЕКИПА потврди дека е подготвен да се повлече од функцијата, но ваквиот став предизвика бура од реакции.

Репрезентативците предводени од Кире Лазаров бурно реагираа уште во Гдањск, давајќи му целосна поддршка на претседателот, а веднаш по враќањето со писмени соопштенија се огласија и клубовите, кои истакнаа дека се презадоволни од досегашната работа на Мукаетов и неговите најблиски соработници. Клубовите сепак отишле чекор понапред, па на неколку дена пред собранието со циркуларно писмо и потпис и печат од секој од нив, заедно со здруженијата со право на глас, јасно ставиле до знаење дека Мукаетов треба да остане на чело на Ракометната Федерација на Македонија.

Со ова, станува и повеќе јасно дека оставката нема да биде прифатена, па Живко Мукаетов по утрешното собрание ќе продолжи да ја води РФМ, најмалку до март следната година, кога истекува неговиот четиригодишен мандат.

Коментари

Популарно