Перо Антиќ: Трета титула за да бидам подобар од Наумовски

Поранешниот капитен на македонската репрезентација Перо Антиќ, за десетина дена во Берлин (13-15 мај) и официјално ќе стане прв македонски кошаркар со три настапи на еден фајналфор-турнир од Евролигата, на што, сепак, не сака да застана туку сака да испише уште една страница од историјата на макбаскетот и како прв играч со три освоени титули.

pero-antic-fenerbahce-istanbul-eb15

Ветеранот за себе има две европски круни со грчки Олимпијакос, со што е изедначен со актуелниот претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски, кој пред 25 години двапати беше на тронот со сплитска Југопластика. Антиќ, во својот блог на официјалната страница на Евролигата не ја пропушта можноста одново да го „пецне“ Пеце, напоменувајќи дека надминувањето на неговиот успех е негов голем мотив на претстојното полуфинале против шпанска Лаборал Куча.

„Многу е мал бројот на кошаркари кои можат да се пофалат со три европски титули, а воедно тоа е голема работа во мојата земја, каде што имаме поранешен играч со два трофеја, а тоа е Петар Наумоски. Тој не играше на средбите, но доби можност да се закити со круните. Но и покрај сето ова, сега не размислувам за себе туку за Богдан Богдановиќ, кому ова би му бил прв трофеј. Според мене, најважно е сите да останеме гладни за пехари без оглед на освоеното досега. Па, видете го само тренерот Жељко Обрадовиќ, кој има желба како никогаш досега да не бил европски првак, а во ризницата има осум титули“ – пишува Антиќ.

Своевиден лајт-мотив на претстојниот завшен турнир во Берлин за Антиќ ќе биде и полуфиналниот дуел против својот некогашен соиграч во времето кога играше за АЕК, поранешниот грчки репрезентативец, Јанис Бурурис.

„Пресреќен сум што ќе се сретнам со мојот голем пријател Бурусис, но на паркетот ќе се однесуваме како да не се познаваме. Зад него е одлична сезона бидејќи успеа да го донесе својот тим на фајналфор-турнирот иако никој тоа не го очекуваше. Заедно ја почнавме кариерата во веќе далечната 2001 година и чувството е прекрасно што повторно ќе бидеме заедно на една ваква реномирана манифестација“, дополнува македонскиот интернационалец.

Коментари

Популарно