Кој ќе ја напушти Македонија? Груевски, „Шарените“ или...?

Велат животот, односно квалитетот на истиот најмногу зависи од перспективата. Еден познат скопски лик вели дека и Париз да го гледаш од канализација е многу смрдливо место. И јас верувам дека во многу што нашите животи зависат од начинот на кој гледаме на работите. Дали ќе се фокусираме на убавите работи кои ги имаме насекаде околу нас или на она негативното што се труди да го изеде општеството и човештвото во целина. Ако кај секого ги гледаме само нагативните особини, тогаш и ние ќе станеме негативни до степен да не можеме сами да се поднесеме. Наспроти, ако во луѓето ги бараме позитивните квалитети, ако на животот погледнеме со розеви очила, лесно ќе најдеме причина за радост, па дури и среќа. Но, сето ова е полесно ако живеете на Тибет и навечер си пиете чај со Далеј Лама. На Тибет прво нема жени (хехехе), нема сообраќај, нема соседи чие бебе плаче цела ноќ, нема терористички напади, нема шарена револуција и разно разни борци за своја демократија. Тука каде 2 години државава ни ја превртуваат раволуционери, протестанти, платени или волонтери, одржувањето на внатрешен мир не е така едноставно како за Шаолините.

park-5-640x480 (1)

Не, ова не е текст против шарените, за нив пишував пред некој ден, а чувствувам дека набрзо повторно ќе се избламираат, па ќе ми ги повлечат прстите кон тастатурата. Ова не е ни текст против нивните идоли во СДСМ. Колку и да им е тешко на некои луѓе да поверуваат, немам јас ништо против Зоран Заев и неговата ниско интелигентна дружина. Не би седел во кафана со нив, али не им замерам за ништо, освен една работа за која сум пишувал најмалку 3 пати. Да не се повторувам на догло, СДСМ се виновни што му дозволија на ВМРО комотна власт веќе 10 години. Без програма и идеја за ништо ново и позитвно, само со негативна кампања, им дозволија на своите политички непријатели да се опуштат во удобните фотељи.Тоа е се, за ништо друго не ја кривам македонската „левица“. Тоа што Заев не почитува институции, не се појавува на суд, гаѓа државен имот со боја, „ја држи државата во заложништво“...тоа не е негова вина, ниту заслуга. За сето тоа се криви оние другите, опуштените.

Пред неколку дена на неколку македонски медиуми се појавија фотографии од претседателот на ВМРО, Никола Груевски, како гледа европско првенство во фудбал во градскиот парк во Скопје. Очигледно и Груевски знае дека некогаш мора да ја смени перспективата и да се препушти на нешто што го опушта и полни со позитивна енергија. Гледам и јас фудбал, уживав вчера кога Италија ја растури Белгија, па не гледам зошто екс премиерот да не гледа. И двајцата сме љубители на спортот, посебно фудбалот, но сепак има една битна разлика. Знаете, ако додека гледате фудбал или турска серија, филм, уживате во добро кафе или чаша вино, ако пукне цевка во кујната, уживањето веднаш ќе престане и ќе викнете водоводџија. И се ќе биде во ред ако тој дојде и ви ја поправи цевката. Но, ако наместо тоа истиот го гледате на фотки како гледа фудбал во градскиот парк додека куќата ви се поплавува, уживањето во вашата омилена активност ќе биде одложено. Или кажано без метафори, не е Заев крив што не ја есапи државата, туку државата што не го есапи него. Не е тој крив што не се појавуваше на суд, туку судот што не прати полиција да го доведе. Полицијата е виновна што во Македонија имаме вандали кои шараат што и да посакаат. Една од нив излезе од полициска станица и пред неколку телевизии ја испраска станицата со боја! Никој не виде?!!! Сигирно 50 пати сум прочитал и чул дека „Заев ја држи Македонија во заложништво“, но ниту еднаш никој од оние кои раководат со државата не ни кажаа што превземаат за да ја избават Македонија од таа ситуација. Се изначитав и изнаслушав за „Сорос“, „Канвас“, „Странски служби“, завери за нафтовод, рудни богатсва, вода за пиење, војна меѓу НАТО (САД) и Русија... што уште не, но на тоа остана. Две години владата која народот ја избра да ја води оваа наша мала држава ни се жали дека СДСМ сака да не запали живи и дека тие ете едвај не бранат. Оние на кои им народот 11 пати по ред им дава доверба да ги реши проблемите сега велат дека истите се многу големи. Имало притисоци од надвор! А каде нема? Кога прифативте да ја водите државава не знаевте дека ќе има? Не знаевте дека Македонија географски е „незгодно“ поставена. Дека на Балканот секогаш е интересно? Дека кога ќе дојде денот САД и Русија пресметката ќе ја почнат токму тука. Не знаевте дека Сорос е присутен во Македонија од 1990 година или мислевте си замина? Странските служби не се измислени во последниве 5 години или мислевте дека ни се пријателски настроени?

Две години народот чека од своите избраници да превземат конкретни чекори за решавање на кризата или да превземат одговорност. Две години куќата ни се полни со вода од пукнатата цевка, но „водоводџијата“ си гледа фудбал. Не бил тој виновен, туку инсталацијата која ја поставил „водоводџијата“ пред него била скапана! Донесена од странски служби, платена со кредит од Сорос!

Господине екс премиер, и јас сакам да гледам фудбал, но сакам и кога нема фудбал на ТВ да се чувствувам убаво во својата татковина. Не ме интересира колкави се проблемите со кои се соочувате, затоа што ветивте дека можете да ги решите. Ако не можете, кажете. Извинете се и напуштите, пред цел македонски народ да ја напушти Македонија. Затоа што „поплавава“ веќе не се трпи и некој ќе мора да си оди. Нема место во волку мала држава за „Шарени револуционери“, „соросоиди“, „Канвас“ и нас обичните граѓани. Почнете со расчистување или оставете некој друг да го направи тоа.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно