Апокалипсата започнува од Македонија!

Обично по секој за мене важен настан, чекам неколку дена пред да напишам нешто на темата. Со ладна глава и без емоции. И овој пат почекав временски период по 20ти Јуни и денот на „Шарената револуција„ за да го кажам моето мислење. Сепак, заклучокот остана ист како и таа вечер. Оние што себе се нарекуваат револиционери, се всушност силеџии.

pixel.mk-apokalipsa-koga-22989

Многу пати во холивудски филмови сум ја сретнал тезата: „За да се изгради нов свет, мора стариот да се сруши“. Веројатно ја чуле и шарените, но за разлика од мене, не забележале дека секогаш ја кажува негативецот, кој впрочем е психопат. Налудничав тип кој верува дека е одбран од Бог за да го смени системот. Него не го интересира колатералната штета во човечки животи или материјална штета, туку само неговата цел. Нема правила на игра, ниту туѓо мислење. Па, нели е избран од Бог! Слични ликови ми се и оние во првите редови на нашиве „револуционери“. Ок, немаат убиено некого, иако дел од нив посакуваат смрт од време на време. Сличноста е во тоа што и тие мислат дека се избрани од Бог, бидејќи никој друг не ги избрал. Исто така и тие мислат дека треба да се сруши системот за да завладее нивниот, подобар систем, во кој тие ќе ни кажат што е демократија.

Пред 7 дена, овие демократи, засилени со логистика на СДСМ, излегоа на улица во Скопје и протестираа против владата на ВМРО и ДУИ. И се е тоа во ред. Носење со автобуси од други градови е сосема нормална работа за секој помасовен протест организиран од политичка партија или орагнизиран против партијата на власт. Нема ништо спорно во тоа. Смешно ми е што при секој митинг или протест и едните и друите објавуваат фотки од автобусите на ривалот. Јасно ни е на сите дека секоја политичка партија на свој митинг носи членство од цела држава. Не мора да се криете дечки. И додека донесените подржувачи искрено протестираа против владата, во позадина се готвел друг план за кој 98% од присутните не знаеле дека треба да е колуминација на вечерта. Никој нив не им кажал дека шарениве планираат да го рушат споменикот на Прометеј, како симбол за рушењето на владата. Тоа е таа демократија за која се залагаат нашиве револуционери. Собираат народ од цела Македонија. Ги носат во Скопје со автобуси, но не им кажуваат дека ќе присусутвуваат, а со тоа и учествуваат во рушење на споменик, односно криминал. Ако им кажеле, сигурно дел и немало да дојдат. Вака скришум, руши споменикот, па утре пишувај дека народот го срушил. Намерно на целиот протест не се развиори ниедно партиско знаме на опозицијата, за таа да биде аболирана од рушењето, како уште еден доказ дека народот спонтано го срушил. Спонатно носеле јаже, спонтано тргнале да го врзат и да го бутнат! Се спонтано, се! Но, кога имате партија како СДСМ, која 10 години не може да подготви програма, многу ви е јасно каква организација може да има во неа и нејзиното членство. Па така неколку часа пред обидот за уривање на Прометеј се јави еден од нивните најгласни говорници и на Фејсбук „спонтано“ го издаде „спонтаниот план“.

tito-belicanec-slika-so-spomenik

Ова не ги обесхрабри шарените, па решија сепак да пробаат, но полицијата ја заврши работата и за прв пат видовме навистина спонтан потег од револуционерите. Спонтано побегнаа од полицијата. Ок, во бегање ги предупредуваа полицајците дека може пак да им се случи Куманово, ама сите групно бегаа. Тоа се тие револуционери. Сироти Делчев, Груев, Карев... им го ругаат терминот револуија.

Како и во холивудските филмови, негативецот не го сруши светот за да изгради подобар, но за разлика од филмското платно, помина неказнет. Па, еве вчера имавме епизода 358 или 785 или ..., ма кој бори, на шарената револуција. Повторно истите луѓе на улица, повторно тие се народот, најхрабрите, но тоа е во ред. Нивно право. Се додека протестот е мирен и не го запира сообраќајот во Скопје, јас немам ниаков проблем со нив. Нека викаат, нека носат плакати и нека се фалат колку се најјаки. И онака кај нас веќе 2 години лудилото стана нормално. Може во еден момент нормалното ќе стане толку лудо, што ќе посегнат по него.

И покрај протестот на шаерените во Скопје, за мене вчера настан на денот е обидот на студенсткиот пленум да забрани избрана на нов ректор, со тоа што го блокира влезот во ректоратот. Причина, преставницие на студентите кои имаат право на глас при избор на ректор биле нелегитимни. Ок. А вие дечки легитмни сте? Вие четворица што ја блокиравте вратата во ректоратот, вас ве прашувам. Вас кој ве избра? На кои избори? Кој ви рече дека вие ги преставувате студентите? Онака сами? Ахххх да, извинете, вие сте пленум. Немате вие избори. Вие сте едноставно сомопоставени. Решивте да бидете битни и тргнавте. Демократија, нели? Тоа носите во душа?

И до пленумци (од било кој пленум) и до шарените, под итно прочитајте што е тоа демократија. Ако сакате вулгарна дефиниција, еве: Демократија е систем во кој мнозинството му налага правила на малцинството. Вие дечки, не сте мнозинство. Колку силно и да викате, колку боја и да фрлите, вие сте минорно малцинство кое секојдневно губи на бројност бидејќи има стратегија на психопат, а психопатите се сакаат само себе. Затоа, ако сакате да постигнете било што, и на вас како и на СДСМ ви треба програма, а не силеџиство. Позитивни новини во системот, место рушење на она што на некого му се допаѓа. Вие треба да сте пример за сите граѓани, како што биле револуционерите кои ги спомнав погоре, место криминалци. Кога/ако (ќе) го постигнете тоа, можеби ќе ви се приклучи повеќе народ, па можеби, само можеби ќе имате право да се наречете револуција.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно