Која е цената на вашиот живот на скопските улици?

Во сенка на терористичкиот напад во Ница, Франција, каде со камион беа прегазени над 200 лица, од кои над 80 се починати во Македонија помина судската завршница на возачот кој лани на Партизанска ја прегази младата Фросина, студентка од Крива Паланка.

14D20542A23ABA4F9B800DA9911BECEC

Немам никаква намера да ги споредувам двата случаја. Љубиша (возачот од партизанска), не е терорист и не верувам дека намерно го извршил делото. Ниту пак влетал во пешачка зона викајќи „Алах Акбар“, но и тој е убиец, а доби само 6 години и 6 месеци затворска казна! Дечково е осуден по две основи, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Неговиот адвокат барал да биде прогласен за невин за првото бидејќи вештакот во случајот рекол дека дури и да бил трезен нема да можел да ја избегне Фросина, бидејќи таа претрчала на црвено! Адвокатот не сакам да го коментирам, бидејќи не заслужува мое внимание. Како и речиси секој од таа струка, некаде по пат заборавил што значи вистина и правда, па се обидува да извлече што помала казна за својот клиент и што повеќе пари за себе. Ме чуди вештакот. Еве да и верувам на истражната постапка, а со тоа да верувам дека Фросина поминала на црвено (нешто во што не веруваат нејзините родители). Дури и тогаш остануваат неколку, во најмала рака, сомнителни околности преку кои е донесен заклучокот дека Љубиша не можел да влијае на настанот.

1. Љубиша, кој на првото рочиште изјави дека испил 2-3 ракии, имал 1,23 промили алкохол во крвта. Прво прашање што ми доаѓа на памет е од колкави чаши пиел малиов. Зашто од 2-3 стандарни ракии 1,23 е нереално, освен ако има само 1 литар крв во себе... Значи некој тука лаже.

2. Следно, не знам дали вие сте биле некогаш на 1,23 промили, ама јас сум бил(не дека ми мерел некој, ама знам). Тоа е состојба при која одењето станува проблем, а гравитацијата многу моќна. Земјата едноставно те повикува и постојано се движи лево-десно. Кога во таков момент ќе влезете во кола, не е проблем само успорениот рефлекс и реакцијата при новонастаната ситуација, туку и видот. Доказ за тоа е и тоа што возачот не ја видел Фросина пред да „истрча“ на црвено на улица, на дел од Партизанска каде ништо не го попречува визуелното поле (освен оние 1,23 промили). Ако бил трезен, ќе ја забележел.

3. Освен алкохолот во себе, Љубиша при евентулната реакција го спречила и неговата брзина, која според истарагата изнесувала 85 км на час. Во тој момент во Скопје (колку што ме држи меморијата) сеуште важеше ограничувањето на 60 км на час, што значи дека возел 25 км на час над дозволената брзина. Иако некои сведоци, од голо око оценија дека возел со 160, еве нека се „само“ 85. Овие 25 над дозволеното, колку и да ви изгледаат малку се речиси 42% зголемена брзина, што во трезни услови би значеле намалување на реакцијата на ситуацијата за повеќе од 60%. Зарем и тоа немало да смени ништо?

На крајот адвокатот не го доби она што го бараше, па Љубиша е осуден по двете обвиненија, но не доби максимална казна и покрај тоа што избега од местото на настанот(можеби олеснително е тоа што подоцна вечерта сам се пријави во полиција). Дечкото возел дрво пијан, со над 40% од дозволената брзина, прегазил млада девојка во сред Скопје и избегал од местото! Па добро, што треба да се случи за максимална казна? Да излезе од кола и да направи селфи? Или да згази уште двајца, тројца? 84 како типон од Ница? Не велам дека ако добиеше максимална казна или дури и доживотен затвор тоа ќе ја вратеше Фросина, таа сега е на некои други многу поубави улици, но со овие 6,5 години каква е пораката што ја испраќа македонскиот судски систем? Кој сега ќе ги спречи усјаените глави на другите 2-3 ракии возачи низ градов? Зарем еден млад живот вреди само 6 ипол години затворска казна? Таа ли ни е цената на скопските улици?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно