Во нас е клучот за спас на Македонија

Во последниве две-недели се случи воен удар во Турција, крвави терористички напади во Франција, Германија и Англија, се случи Пржино 3 и уште многу сериозно негативни моменти низ светов, но нема да пишувам за тоа. Нема да пишувам ни за Илинден и свирењето на политичките лидери во Македонија, ниту пак ќе се обидам да ги споредам сегашните предводници на Македонија со оние од славното востание со седиште во Крушево. Не дека немам што да кажам, но ми здодеа да пишувам на теми на кои ништо не можам да променам. Ердоган ќе си остане Ердоган, Циа ќе си глуми ИСИС, а нашиве денешни лидери ќе продолжат со дневно политичките игри на херои и негативци. Веќе видено, пишувано, разглобено, па затоа и бесцелно. Затоа ќе пишувам за нешто што можеме да промениме, јас и вие кои го читате овој текст.

o-INSTAGRAMMING-FOOD-facebook

Досега најмалку 10 пати, зборувајќи за светска и домашна политика, ми било поставено прашањето - каде е излезот? Што можеме да направиме за да се извлечеме од дупкава (светска и македонска). Одговорот е секогаш ист. За да се подобри ситуацијата кај нас, но и во светот, човекот мора да го подигне нивото на свест. Само така можеме да ја оправиме работава. Добрата вест е дека поддигањето на вашата свест влијаете само вие и никој друг, додека лошата е дека тоа е макотрпна, здодевна и доооолга работа. Значи никој не може да ве спречи, но и на никого не можете да се вадите. Не е Грувски, ниту Заев виновен ако не ви успее. ИСИС нема ништо со вашиот неуспех, а Ердоган колку и да е радикален никако не влијае на процесот. Успехот и неуспехот од овој процес се само ваши, а со тоа и одговорноста, па ако сакате и цената од можниот неуспех.

Како до повисока општествена свест? Едноставно, со подигањето на свеста на секој од нас, и тоа секој за себе. Значи, освен што си го должите ова на себе и на Бог (доколку верувате во креатор), истото го должите и на општеството. На сите околу вас. Како до подигнување на сопствената свест? Методот е едноставен, но задачата тешка. Се почнува со едно обично прашање: ЗОШТО? Одговорот, некогаш лесен, друг пат тежок, мора да биде секогаш искрен. Лесен ќе биде на пример ако се запрашате зошто те седнале да јадете. Одогвор: зошто бев гладен/гладна. Потежок, зошто сте го сликале јадењето и сте го објавиле на Фејсбук? Во најголем број од случаите искрен одговор на ова прашање е „за да се пофалам“. Уште потежок, зошто се фалите на Фејсбук? Зошто имате потреба за себе пред другите да изградите лажна слика? И тука најчесто сите застануваат. Најчестиот одоговор кој сум го добил е „затоа што сите тоа го прават“!!!! Уште во времето на баба ми и дедо ми во Скопје се користеше една прашална поговорка: „Ако скокнат сите во Вардар и ти ќе скокнеш?“. Со тој одговор покажувате дека вашата свест е на пониско ниво од колку на луѓето кои живееле пред 100 години, ако тоа не ви пречи, терајте без да одговорите и да се самоанализирате. Ако во животот оправдување за вашите постапки барате во туѓото однесување и тоа не ви пречи, тогаш немате право да критикувате никого, па ни политичарите. Немате право да се жалите на моменталната состојба во Македонија или светот. Бидејќи по тој рецепт сите сме безгрешни и никој не превзема одговорност. Ако вас ве оправдува постапката на другите, односно „сите така прават“, истото го оправдува и секој следен премиер на Македонија. И тој ќе смее да краде колку сака, затоа што сите пред него „така правеле“. Се додека самите се оправдувате и не сте самокритични, не смеете да побарате поинакво однесување од некој друг. Се додека одите на политички митинг за сендвич, 100 денари, бесплатен превоз, 100 евра, работа.... не смеете да им судите на оние кои се на позиција и својот „труд“ го наплаќаат со милиони. Ако вие глумите „Вмро-вец“ или „СДСМ-овец“ за да грабнете што ќе ви дадат, немате право да им судите на оние кои можат да грабнат повеќе глумејќи патриоти, бидејќи во суштина сте исти. Разликата е само во позицијата од која грабате. Вие сте ниско, па собирате трошки, а тие високо и грабаат од трпезата. И пред да почнете да се браните со сиромаштија и немачка, сфатете дека моменталната состојба во Македонија (сиромаштијата) е резултат на ова однесување кое трае со години, а не обратно. Да „драги“ мои, сите ние со нашето однесување ја доведовме ситуацијата до тука, а не Бранко, Љубчо, Никола и Зоран. Сите заедно сме виновни! Се додека не ја прифатиме нашата вина и не пробаме да се промениме, вака ќе биде. Сиромашни, обесправени, маргинализирани, гневни... ќе си кукаме по улици, клупи, кафани и толку. Секогаш некој друг ќе биде крив, ама ние несреќни ќе си живееме во илузија на вечни жртви.

Секојдневните постапки, кои ги правите од навика, речиси по шаблон, зборуваат многу повеќе за вас од колку што можете да сфатите. Или можеби сте сфатиле, но намерно го игнорирате сето тоа, не сакајќи да прифатите дека сликата која ја прикажувате за себе е лажна, а ликот за кој тврдите дека сте вие е измислен. Намерно или не, заборавате дека измислен лик не може да биде среќен. НИКОГАШ!

Свесен дека текстов личи на солење памет да ви посочам дека намерата воопшто не е таа. Јасно ми е дека и јас не сум совршен, а мојата свест ни од далеку не е она што треба да биде. Секако дека и јас имам дел од одговорноста за моменталната ситуација во светот во кој спаѓа и Македонија. Како што споменав погоре, секој одговара за својот ментален развој и нема право да се вади на надворешни влијаниа. Следствено на тоа, споредбата на една со друга личност е контрапродуктивна.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно