Не е судиска неправда: Македонија победи, Италија ги однесе бодовите

Се случи и тоа. За прв пат по проширувањето на Филип Втори, публиката аплаудираше по завршувањето на меч на македонската фудбалска репрезентација. Речиси 30.000 гледачи останаа до крај и ги поздравија играчите во црвено, иако победата, онаа на теренот ја однесе реномираната Италија.

sp-fudbal-kvalifikacii-makedonija-italija-09.10.2016-7934

Велат дека за еден аутсајдер да победи голема екипа треба да го одигра најдобриот натпревар, додека гигантот да одигра многу лошо. Но треба и среќа, а ние ја немавме. Сепак се заборава она најважното. За да победите голема екипа, или барем да ја намачите, тимот мора да игра како тим и да остави срце на терен. Токму тоа се случи синоќа. Сите момци кои се појавија со дресот со државен грб дадоа се од себе. Играа за тимот, за публиката, за Македонија. И ПОБЕДИЈА! Да, Италија ги однесе бодовите, но по овој меч, ништо веќе нема да биде исто.

Секогаш кога ќе дојдеше до менување на селектор на фудбалската репрезентација, мојот став беше дека сеедно е кого ќе донесат, бидејќи играчкиот кадар е тој. И Мурињо да дојде, толку ни е, но сум грешел. Можеби Португалецот и нема да направи разлика, но Игор Ангеловски успеа за само неколку месеци да ги подигне репрезентативците од мртвите и да изгради тим. Нема веќе поединци, не се чека само од Пандев, а репрезенацијата игра убав фудбал за око. Не знам дали Клоп му е пример во кариерата на младиот селектор, но Македонија се повеќе заликува на Борусија Дортмунт и Ливерпул. Игра со многу трчање, покривање на средината и неверојатни брзи акции. Секоја чест!

Во три меча во два месеца, македонската фудбалска репрезентација постигна 5 погодоци и ги лансираше Алиовски и Несторовски во нови фудбалски херои. Ништо помалку заслужен за играта не е ни Хасани. И тој во својата изјава по мечот рече дека вака се игра за репрезентација и дека резултатите ќе дојдат. Резултатите се веќе тука. 30.000 гледачи во Скопје, од кои повеќето беа таму за да ги гледаат големите фудбалски ѕвезди од Италија, со полно срце го напуштија Градскиот парк. Сега веќе никој не зборува за Буфон, Белучи, Верати... туку за Алиовски, Пандев, Несторовси. Тоа е резултат кој сега ни е многу попотребен од бодовите. А, ги заслуживме. И вчера, и против Израел и Албанија...

Ни следува тешко гостување во Шпанија на 12ти Ноември. Тоа е последниот натпревар оваа сезона во квалификациите за Македонија. Шпанците веќе ги имаат запишано трите бода од тој меч, но оваа нова фудбалска репрезентација на Македонија нема да се предаде без игра. Посебно откако вчера видоа дека можат да играат со големите и скапи играчи. Јасно им е дека публиката тоа го цени, и дека на следниот меч во Скопје на 11ти Јуни, Филип Втори ќе биде полн за да ги гледа и бодри нив, а не славните Шпанци.

Фала ви момци што си ја вративте вербата во себе, а со тоа и нашата верба во вас. На Македонија и треба спорт, на Македонија и фали фудбал!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно