Момците кои веќе победија и заслужија ПРОСТЕТЕ и БЛАГОДАРАМ за СЕ!

Сеуште под импресии од натпреварот меѓу Македонија и Италија на Филип Втори и новата надеж што се раѓа кај сениорите, денеска Скопје е домаќин на уште еден фудбалски спектакал. Младинската репрезентација ги пречекува врсниците од Шкотска во последниот меч за квалификациите за Полска. Победа ќе значи сигурно второ место и шенси за бараж. Успех, досега невиден и вреден за почит.

mlada-selekcija

А се почна како и секогаш. Со најава дека оваа генерација е доволно силна да постигне многу. Да се носи со големите. Да одигра и на резултат. Ветувања како и секогаш и пораз од 3-0 во првото коло од Исланд. Простете момци, но тогаш ве отпишав. Мислев веќе видена приказна. Јаки сме се додека не излеземе на терен. Сум го видел тоа премногу пати, па искуството ме натера да ве прешкртам. И не само мене, туку речиси цела македонска фудбалска јавност. Токму затоа Макдеонија 21 своите домашни мечеви ги играше на помошни терени, а телевизиски пренос не доаѓаше во обзир. Медиумите пренесуваа за резултатите со изненадување, а сите чекавме пораз во наредниот меч, но не се случи. Генерацијата предводена од Благоја Милевски не „разочара“, не изненади, ни покажа дека и тука се игра фудбал. Дека реномето се гради, а победата се заслужува на терен. Со тимски дух, непоштедна борба и верба во своите квалитети, младите фудбалери одиграа против сите шанси, против сите анализи и секоја логика. Со скор од 5 победи, 3 нерешени и само еден пораз(оној првиот од Исланд) собраа 18 бода и се на делба на првата позиција со Исланд.

За чудото да се комплетира денска во Скопје ни треба победа, но и да се поклапат коцките на другите натпревари. Најдобра варијанта е Исланд да не ја победи на домашен ерен Украина, па место во бараж Македонија со победа над Шкотска, со прво место во групата директно да се пласира на ЕП во Полска. Доколку Исланд победи, добитната комбинација се компликува. Најпрво ќе треба да победиме со 2 разлика, за да ја минеме Белгија, а потоа да чекаме кикс на Норвешка и Србија, кои играат денска против Казахстан нагости (од 16 часот) и против Словенија на домашен терен (17 часот). Во Казахстан ни одговара и нерешен исход на Норвешка, додека Србија мора да изгуби од Словенија. Комбинациите се тие. Барем реалните. Ако победиме со 8 гола разлика, би го минале и Израел, но тоа е веќе нереално.

Untitled

Мечот на Филип Втори денска започнува од 18:45 часот, па нашите момци ќе знаат како е резултатот на овие два меча, додека Исланд започнува во ист момент како во Скопје. Но, лично јас би сакал да не се оптеретуваат со тоа. Од се срце им посакувам пласман во Послка, но и да не се случи тие веќе победија. Не само моќните репрезентации, туку и нас, скептиците. Ни покажаа дека и не мора да играат во своите клубови, не мора да вредат милиони, за да излезат сред Франција и да водат 2-0. Дури и селекторот на Француската репрезентација до 21 година, Пирес, по мечот призна дека биле надиграни и дека само среќата им донела бод. Ни покажаа како се рушат рекорди:

Најдолга серија без пораз на една наша репрезентација, во било која возрасна категорија – 9 меча (5 победи и 4 ремија)

Најдолг временски период без пораз во континуитет (една година и три месеци, последниот пораз на 11. јуни 2015 од Исланд во Рејкјавик)

Најдолга серија без пораз на домашен терен (две години и еден месец, последниот пораз е на 13.август 2014 година во претходниот квалификациски циклус за ЕП)

Најдобра резултатска серија: 13 натпревари со 7 победи, 5 ремија и 1 пораз

Благоја Милевски е најуспешниот селектор во историјата: 13 натпревари е на клупата на националниот тим со 7 победи, 5 ремија и 1 пораз

Благоја Милевски е прв македонски селектор кој во 7 натпревари на домашен терен нема ниту еден пораз (5 победи и 2 ремија): Убедливо најдобра серија на домашен терен

Прва македонска селекција со три едноподруго победи во еден квалификациски циклус

Најдолг временски период на македонски голман без примен гол на официјални квалификациски натпревари (Игор Алексовски е без примен гол цели 333 минути, 63 минути од дуелот со Франција во Ле Ман, и потоа на средбите со Украина, Шкотска и С. Ирска)

Најмалку примени голови во една серија (во последните 9 меча, вклучувајќи го и пријателскиот дуел со Белорусија, примени се само четири гола)

Најдолга серија на една наша селекција на квалификациски натпревари со постигнат барем по еден гол на натпревар (пет едноподруго натпревари)

Прва македонска репрезентација во историјата која на едно коло до крај на еден квалификациски циклус е лидер на табела

Селекција со најмногу освоени бодови во еден квалификациски циклус

Но најважно од се, ни покажаа како се сака репрезентацијата, како се сака Македонија. Голманот Игор Алексовски на гости со Шкотска по еден судир со противнички играч речиси не можеше да стои, но бранеше до крај. Енис Барди кој е сега повреден, моли и бара да игра кога се одлучува за Македонија... Тоа се карактеристики на спортски ХЕРОИ. Херои кои ние/јас не ги ценевме доволно. Затоа уште еднаш, простете момци и се гледаме за некој саат, се надевам на полн на Филип Втори. Да го прославиме најдобриот квалификациски циклус во историјата на македонскиот фудбал, а ако даде Господ и пласман на Европско првенство.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно