ФЕСТИВАЛ НА МУЗИЧИТЕ УМЕТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА “ЗЛАТНА ЛИРА - 2016”

Ретка е можноста вистинскитe вљубеници во камерната музика да имаат вдахновено уживање во врвно мајсторство на светски етаблирани уметници со богати кариери реализирани низ престижни концертни сцени во големи метрополи. Овој пат фестивалот Златна лира на својата програма го обезбеди гостувањето, на за скопската публика веќе познатите уметници - виолинистката Евгенија Марија Попова и виолистот Димитар Пенков, од Бугарија и Германија. Референциите во нивните биографии упатуваат на фактот дека тоа се исклучително квалитетни и докажани уметници со огромен концертен опус, со изведувачки потенцијал на големи мајстори на своите инструменти и за извонредниот податок дека се уметници произлезени од класите на светските педагози, славните Леонид Коган и Јифрa Ниман, а потоа и едуцирани низ престижните центри во светот, меѓу кои и Лондон.

14885828_10157644552435057_2025552119_n

Музејот на град Скопје беше концертниот простор каде големите уметници ни го подарија својот раскошен талент, изразен низ заложна и тешка програма со богатство на стилска обоеност, од барокот на Хендл и Бах, преку стилската специфика на Регер, до модерниот мелодиски колорит на Христосков и салонската елеганција на Рола, една палета на музички амбиенти кои беа, полигон каде секој уметник ќе потроши огромен квантум од својот исполнителски капацитет. Попова и Пенков, искусните резбари на звукот беа во елементот на својата индивидуална уметничка експресија, свиреа искажувајќи го експлицитно својот голем потенцијал, искуство и пред се разбирање на партитурите со сите нивни мелодиско-стилски препознатливости, нуркајќи длабоко во тонскиот свет на авторските ракописи. Нема сомнение дека тие музицираат сјајно и солистички и заедно, умеејќи да воспостават импресивен баланс во интерпретацијата. Пасакалјата за виолина и виола од Хендл-Халворсен, беше дело кое ја имаше функцијата на вовед во она што подоцна публиката го слушаше, додека солистичкиот настап на Попова во сонатите на Бах во Це-дур и Е.Исаи бр.3 целосно ги откри нејзините уметнички перформанси, творечката енергија изразена низ виртуозитетот што го поседува, низ пливањето во презаложната архитектоника, особено во Баховата музика, но и екстремно брилијантната бравува на техничките барања во музиката на Исаи. Сето ова го фрла виолинистот во сопствената имагинација во која пак мора да биде сѐ совршено, издржано, за да се доживее оригинално и да остави трајни импресии. За една вака силна и мотивирана изведба сигурно придонесува и сјајниот звук и боја на нејзината виолина Г.Капа од далечната 1691 год. Имаше тука и уметнички занес што Попова јасно го искажуваше, имаше и прецизна диференцијација на стилските специфики и секако имаше и во сосема незначајна доза интонативна непрецизност во претешките Бахови полизвучја од кои навистина се свртува умот и на уметникот и на слушателот. Секако, од нејзината виртуозна изведба сеуште ни одзвонува експресивната уметност на нејзината виолина.

Вистинско уметничко вознесување публиката пак доживеа во кретивната интерпретација на виолистот Димитар Пенков, и кога тој свиреше во дуо со Попова, но и низ импресивната солистичка сеанса што тој ја издигна во една ретка звучна гама, што го исполнуваше етерот со преубавиот тембр на својата виола. Супериорен и крајно прецизен во експонацијата на делата на М. Регер, суита бр.2, а особено во Селската рапсодија на П. Христосков, неговата креативност се граничеше со совршеност, со еден чудесен виртуозитет кој не го остава рамнодушен слушателот и кој буди ретко чувство на вистинска музичка сликовница на тонското платно, и на автентичната замисла на самиот творец.

Завршното дело на двајцата големи мајстори на изведбата беше салонската партитура за виолина и виола на Алесандро Рола, музика со многу салонски шарм, со кој изведбата нудеше музичка убавина и вистинско уживање во салата. Двајцата уметници свиреа полетно, релаксирано доживувајќи ја и преку своите индивидуални емоции оваа прекрасна мелодија, која патем од уметниците, покрај се, бара и многу изведувачки вештини. Ете, во ваков звучен амбиент измина фестивалскиот настап на врвните уметници, гости на Златна лира 2016, виолинистката Евгенија Марија Попова и Димитар Пенков, кои секако би сакале да ги чуеме и на следното издание на овој наш реномиран фестивал на Сојузот на музичките уметници на Македонија.

Васка Наумова Томовска

Музички критичар

Коментари

Популарно