Град Скопје советува: Како да го преживеете загадениот скопски воздух?

Граѓаните да користат јавен превоз, да го сведат своето движење на отворен простор на неопходни излегувања, малите деца, бремените, хронично болните и постарите да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува. Ова се дел од препораките што Градот Скопје денеска ги упати до граѓаните поради загадувањето на воздухот во Скопје во пет последователни денови.

mkd-95773

Од Градот Скопје се препорачува автомобилите да не се користат без поголема потреба и во нив да се возат повеќе лица истовремено.

Меѓу препораките се и почитување на сообраќајната сигнализација за движење на тешките товарни возила низ градот и да не се користат камионите доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови.

Граѓаните, исто така, се повикуваат да користат суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци и при затоплување да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси како отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали. Се препорачува редовно чистење на оџаците, печките да се користат и одржуваат според упатството на производителот и да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови.

Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со кои се загадува воздухот во просториите. Раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително треба да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада. Стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.

Град Скопје информира дека продолжува во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот и ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме.

- Настанатата состојба е резултат на загадувањето на воздухот, но, пред се, на стабилната временска состојба, карактеристична за скопската котлина во студениот дел од годината, заради што Градот Скопје е во редовен и постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи и за секоја настаната промена на состојбата редовно ќе ја известува јавноста, истакнуваат градските власти.

Препораките се во согласност со известувањата од Министерството за животна средина и просторно планирање за нарушениот квалитет на амбиентниот воздух заради надминувањето на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (РМ10) во текот на пет последователни денови, а врз основа на Одлуката за алармантни состојби на квалитетот на воздухот на подрачјето на градот.

Коментари

Популарно