Продолжува зголемувањето на загаденоста на воздухот во Скопје

c12fe78ae1cbc84ab805f659b1433256

Во повеќе скопски населби нивото на штетни честички по здравјето на луѓето е до пет пати повисоко од дозволеното. Според податоци од Здравствениот дом - Скопје, граѓаните сè повеќе се жалат на проблеми со дишењето.

Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање утрово највисоки концентрации на штетните ПМ10 честички измерија во Центар 159,09 микрограми, Карпош 149,73, Лисиче 131,09, Лисиче 126,87, Гази Баба 125,87 и Миладиновци 108,01 микрограми на кубен метар.

Дозволеното ниво на ПМ10 честички, кои се штетни по здравјето на луѓето, е 35 микрограми на кубен метар. Граѓаните ги чувствуваат последиците од штетните честички, па така на телефонската линија „Ало докторе“ во изминатава недела (од 14 до 20 ноември) тие најмногу се жалеле на проблеми со кардиоваскуларниот и респираторниот систем.

„Јавувањата најчесто се за совети поврзани со кардиоваскуларни и респираторни симптоми, главоболки, сезонски настинки и симптомна болка. На лицата што побараа здравствена помош на линијата 'Ало докторе' им е даден медицински совет и соодветна симптоматска терапија“, соопшти ЈЗУ Здравствен дом - Скопје. Освен Скопје, најзагадени градови се Тетово (96,07), Куманово (85,96), Кавадарци (79,66), Велес (79,51) и Кочани (58,88 микрограми на кубен метар).

Според податоците на Министерството за животна средина, малите вдишливи ПМ10 честички може да бидат едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот. Суспендираните честички со дијаметар помал од 10 микрометри (ПМ10) може да продрат длабоко во распираторниот систем на луѓето. Концентрациите на ПМ10 во градовите во целата држава, особено во зимскиот период, постојано ги надминуваат граничните вредности за заштита на човековото здравје. Ова зголемување на концентрациите на честичките е предизвикано од различни типови на извори на емисија заедно со непогодните метеоролошки услови. Сепак, од Министерството наведуваат дека издувните гасови од сообраќајот и согорувањата од домаќинствата се меѓу најважните придонесувачи за загадување на воздухот.

Коментари

Популарно