„Федерализација“ или „Режим“? Кој е вашиот избор?

На само 7 дена до парламентарните избори во Македонија, многу работи се сеуште нејасни, но едно е сосема јасно. Ова ќе бидат уште едни избори на кои народот во државава ќе гласа против, затоа што не му се нуди ЗА. Повторно изборот паѓа на помалото од двете (3,4) зла. 25 години држава, којзнае кои избори по ред, а во Македонија ниту еднаш не се појави политичка партија, платформа, зад која народот ќе се обедини и ќе гласа. Не, кај нас се се сведува на „абе и овие се лоши, ама другине...“. И еве нови избори, моежеби најважните досега и пак истата досадна приказната. Истите актери, исто сценарио, истата реторика.... „Да се биде или НЕ“.

gruevski-zaev1

Не се сеќавам кога последен пат сум излегол да заокружам гласачко ливче. Често луѓето ми прфрлаат за тоа, бидејќи гласањато било наша „должност“ или затоа што некој ќе го искористел мојот глас. Ок, ама јас не гласам од должност и од страв. За да јас излезам на избори некој ќе треба да се потруди. Еве, имате уште 7 дена. Убедете ме.

Како сега стојат работите:

СДСМ бара да се бутне РЕЖИМОТ, ветува двојазичност и програма украдена од мала српска партија која освоиле незначителен процент од гласовите во Србија.

ВМРО ДПМНЕ бара 63 пратеника за стабилна влада отпорна на притисоци од СДСМ и албанските партии и нуди масивна програма за економски развој. Таквата програма и отсуството на истата кај противникот им донее победа во последниве 9 изборни циклуси.

Или со други зборови, СДСМ сака да не спаси од РЕЖИМОТ, а ВМРО ДПМНЕ од двојазичност, кантонизација и федерализација.

Значи и едните и другите во свој фокус го имаат противникот. Не народот, не развојот, туку политичкиот противник. Дел од „стручњаците“ кои јавно застанаа зад опозицијата отворено велат дека ова не се избори на програми и мерење на сработеното! Ова биле избори за да падне Груевски. Од друга страна, „експертите“ поблиски до владејачката партија, се утепаа од обајснување дека овие избори се за да се каже стоп за федерализацијата, промената на уставот и уредувањето на Македонија. Најстрашното е што, и тие и тие се во право! Да Груевски треба да падне и да Заев не смее да дојде на власт. Истово важи и за Ахмети и Тачи, и кои и да се во тој блок другите имиња.

Ви успеа да ни објасните зошто да не гласаме за вашиот опонент, сега уште да ме/не убедите зошто да гласам/е за вас. Е тоа не се може со негативна реторика.

Украдена програма од лузерска српска партија, не е опција. По 10 години без никаква програма, сега СДСМ реши да украде, па не украде победничка програма, туку од поразена партија! Не дека ќе беше подобро ако програмата на некого некаде му донела победа, ама барем ќе разберев дека им се допаднала. Нудењето на двојазичност на целата територија на Македонија, подразбира менување на уставот и подразбира етничка преселба и менување на етничката карта на Македонија. Ова се факти! Место Заев да пробува да избега од нив, во следниве 7 дена нека ни објасни зошто е сето тоа неопходно. Нека ни објасни и зошто треба да им се дадат поголеми ингеренции на локалните самоуправи и како ќе функционира таа полицја под локална власт. Од лидерот на СДСМ очекувам и објаснување каде отидоа 500.000 снимени разговори кои тој не ги предаде на СЈО и конечно одговор како истите снимени разговори стигнаа до него. Кој му помогна да ги преслуша, да ги преброи и обработи? Ова како за почеток, има уште многу што да ми одговори Заев за да го добие мојот глас.

Масивната програма на ВМРО ветува нови вработувања, изградба на нови патишта, субвенци.... и обајаснува што се е сработено во последниве неколку години. Добар старт. Така функционираат сериозните политички партии низ светот, но... Ако ВМРО го сака мојот глас ќе треба да ми објасни како тоа Македонија под нивна власт беше прислушкувана и како никој не одговара за тоа. Еве нека се странски служби, кои се тие? Како си дозволивме такво нешто? Наместо да ни објаснуваат дека СЈО е партиски продолжеток на СДСМ (што е и повеќе од очигледно) нека ни објаснат зошто и тие гласаа за формирање на истото во тој состав. Зошто Груевски и сопартијците без наша дозвола, дозвола од народот, донесоа на сцена неуставна институција? Како тоа сега да им верувам дека ќе го бранат уставот кога тие го прекршија? Зошто Мијалков и Гордана си дадоа оставки по „Диво насеље“? Зошто во Македонија нема попис на население? Дали навистина проблемот е со процентот на Албанците во државава? Има две верзии на ова, едната која кружи во македонскиот блок е дека истиот е под 20% од вкупнот население со што паѓа во вода Рамковниот, а другата омилена кај албанскиот дел е дека Албанците се над 30-40% од популацијата во државава. Која е вистината? Ова се дел од прашањата на кои Грувски треба да даде одговор на митинзите, место да зборува за тоа како Заев не донел ниедна инвестиција во Струмица и како Бацето земало по едно евро за секој бизнис. Тоа на сите ни е јасно.

На седум дена до 11ти Декември, датумот одреден за „да се биде или не“, Груевски бара 63 пратеника за да продолжи да ја води државата како досега, а Заев бара власт по било која цена. Очигледно неговите ветувања за двојазичност на цела територија ги зголемија апетите на албанските партии, па сега тие по старата „кога двајца се караат, третиот користи“, храбро и дрско ветуваат нелогични права на Албанците во Македонија. Се зборува за ултиматуми пред мандаторот за влада од македонскиот блок. Кој и да е. Јасно е дека 63 пратника за ВМРО ДПМНЕ најверојатно ќе ја „спасат“ Македонија од такво сценарио, но таквата историска победа на партијата на власт уште толку ќе им даде за право да мислат дека нивниот начин на водење на државата е вистинскиот. Дека онаа дрскост на снимените „сечени, монтирани, лепени“ разговори само ќе се зголеми. Дека иселувањето на младината ќе продолжи. За тоа не ми треба попис. Секоја од нас познава барем 3-5 луѓе кои си заминале од државава во последниве 5-10 години. 63 пратеници за ВМРО ќе значат и дека ќе продолжат партиските вработувања. Не, не треба СДСМ да ми каже дека постои нешто такво, јас познавам луѓе вработени на тој начин. 63 пратеника за Груевски ќе значат и дека покрај сите надворешни инвестиции, изградби на патишта, субвенции, зголемени пензии, зголемена минимална плата... нашето мислење ќе биде важно само пред избори. Т.е. нашиот глас ќе биде важен, мислењето и не баш.

25 години држава, а народот сеуште не знае, кој го изврши обидот за атентат над Претседателот Глигоров. Дали Кингерот на Борис Трајковски падна или беше бутнат? Зошто е сменето името и знамето? Зошто Македонија се откажа од малцинствата во соседните држави? Зошто ни се случи 2001 година и како македонската армија успеа да биде поразена од 300 терористи со пушки од втора светска војна? Зошто имаме територијална организација каква што имаме и како никој не одгавара за тоа или барем зошто никој не се обиде да ја врати назад? Кој ја нападна Македонија во „Диво Насеље“ и која беше целта? Кој тоа прислушкувал и како истите разговори се најдоа кај Заев? Зошто се потпиша Пржино, без дозвола од народот и на сцена се донесе СЈО со тетка Каица Јанева? Зошто нема попис?...

Сакате власт? Сакате подршка од народот? Го сакате мојот глас? Имате 7 дена да одговорите. Секој своето прашање.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно