Не е до „Режимот и Демократијата“, „Предавниците и Патриотите“, Заев и Груевски, до НАС Е!

На само неколку часа пред изборниот молк на предвремените парламентарни избори во Македонија, ред е да го напишам мојот последен текст на сагава која по 11ти Декември, нема да заврши, но ќе тргне по друг пат.

Пред 5 дена пишував за изборните капањи и ветувања на двете најголеми македонски политички партии и побарав од лидерите да одговорат на неколку прашања, како би ме убедиле да гласам за нив. Секако, тоа не се случи. Оваа предизборна кампања во 25 години самосталност на државава е најниската според сите критриуми до сега. Секогаш кога ќе помислев дека го допревме дното, уште следниот ден, следниот час некој ме разубедуваше и ми покажуваше дека има уште пониско. Лидерите немаа време да зборуваат за она за што треба, туку одбраа да го оцрнат противникот. Не дека за тоа им требаше многу труд, но сега и обајцата на избори излегуваат „црни“. Прашањето е кој е „поцрн“?

Станува светски тренд, секако негативен, при политичка битка, би рекол дебата, но тоа не е, да се повторуваат одредени фрази и цврсто самобендисано да се игнорира се друго. Па еве на само два дена до изборите и двете партии постојано повторуваат дека ќе победат. Разбирам дека тоа е стратегија, но да бидеме на чисто, НЕ МОЖЕ двете партии да победат. Значи, за два дена едните ќе слават, а другите... би сакал да речам ќе ја честитаат победата, но тоа не е пракса на овој светски тренд. И не ме плаши тоа што Заев и Груевски не убедуваат сите дека ВМРО ДПМНЕ, односно СДСМ, на овие избори ќе искинат, туку тоа што членството им верува. По цели денови на социјалните мрежи читам дека „Режимот ќе падне“ или од другата страна дека „На предавниците ќе им пресуди народот“, е ама не може и двете да се вистина. Искочија мал милион анкети дијаметрално спротивни една на друга. Според едните ВМРО убедливо победува, според другите разликата се топи и на 11ти Декември СДСМ конечно ќе ја превземе предноста. Ок, разбирам, анкетите се нарачани, но зошто ова не го разбираат партиските членови? Дечки, ако верувате дека вашиот противник нарачува анкета, зошто мислите дека оние кои ветуваат ваша победа се точни? Уште кога на ова ќе се додат нелогичностите кои ги следат резултатите во самата анкета. Пред некој ден разгледав една во која прдноста на ВМРО е речиси стопена. Во ред, еве да верувам во тоа. Но, на следното прашање, до македонскиот гласач, „Дали ја подржувате двојазичноста која ја промовира СДСМ“, дури 94 % одговориле негативно! Како сега истите тие својот глас би го дале на Социјал Демократскиот Сојуз?! Сигурен сум дека вакви нелогичности има и во анкетите од другата страна, но одамна престанав да трошам време на истите. Според анкетите не требаше да се случи Брегзит, Трамп требаше да биде поразен, Италија требае да смени устав, но....

Значи не е само кај нас пракса нарачката на анкети, тоа е како што реков дел од светскиот тренд, но што кога ќе ги дознаеме изборните резултати? Дали на таа „анкета“ ќе и веруваат поразените? Во Британија се бараше нов референдум, во САД сеуште се протестира на улица за победата на Трамп, а ние веќе имаме искуство со не признавање на изборни резултати. Всушност, еден таков потег на минатите парламентарни избори не донесе каде што сме сега. Ниту во Британија, ниту во САД, па се покажа дека и кај нас, поразените немаат аргумент на кој се повикуваат, туку не им се допаѓа исходот! Проблемот е што народот на 11ти Декември не може да им угоди на двете страни. Нема нерешено, нема два победника, ниту две држави. И што тогаш?

Ова не го пишувам со цел Заев или Груевски на 11ти да признаат пораз, туку за вас политички активните или барем симпатизери на едната опција. Лидерите можат да кажат што сакаат, но ако вие признаете, прифатите пораз, тогаш сме на прав пат. Доколку слепо и без аргументи повикувате на за вас пожелен исход, ја рушите демократијата и не носите сите во многу опасна иднина.

За крај, до сите кои на било кој начин ќе учествувате во овие избори, дали како дел од организацијата, безбедноста или како гласачи, ве молам за мирни, фер и демократски изборен ден. Македонија со години пропушта премногу, се плашам дека ова ни е последната.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно