Граѓаните бараат да се стопира Панорамското тркало

Повеќе од шест илјади граѓани се потпишале на петицијата „Стоп за Панорамското тркало“ со барање да се стопира големиот објект кој ќе чини околу 20 милиони евра и дополнително ќе го промени лицето на градот.

„Го направивте Скопје Дизниленд, не се диши, не се живее“, „Има многу понеопходни работи од поставување таков кич“, „Гасифицирајте го Скопје, спасете некој живот“, „Со тие пари може да се реши загадувањето во Скопје“... Ова се дел од коментарите на онлајн петицијата која скопјани се помасовно ја потпишуваат и се шири на социјалните мрежи. Граѓаните од градоначалникот Коце Трајановски бараат итно запирање на сите подготвителни работи околу изградбата на панорамското тркало, како и стручна и надпартиска анализа на овој проект. Истовремено, се бара парите

да се пренаменат во други цели, како гасификација на градот и решавање на проблемот со загадувањето.

Како одговор на петицијата Трајановски рече дека проектот не е во надлежност на Градот, туку во надлежност на Владата.

Одлуката за изградба на овој објект во коритото на Вардар ја донесе Град Скопје со мнозинство советници во 2013 година. Планот датира од 2010 година во рамки на проектот „Скопје 2014“. Мислењето на граѓаните е различно, но преовладува ставот дека инвестицијата е непотребна во услови на криза.

Откако не успеа првичната идеја изградбата да ја финансираат бизнисмени и приватни фирми, средства беа побарани од државните институции и од Владата. До сега донираше само Агенцијата за електронски комуникации и тоа околу еден милион евра.

Вредноста на тркалото достигна сума од 19 милиони и 700 илјади евра, но изворот на парите не и е познат на јавноста, а првилните најави беа дека ќе чини околу 12 милиони евра. Изградбата на тркалото продолжи и покрај острото противење на јавноста и покрај граѓанските протести. Планираното е тркалото да има дијаметар од 57 метри и да се издига 73 метри над брегот на реката, а на тркалото да се сместат 30 кабини во форма на гондоли со капацитет од 300 луѓе и да има придружни објекти како кафетерии и сувенирница.

Коментари

Популарно