Најчесто поставувани здравствени прашања на Гугл: Дали може да се затрудни за време на месечен циклус?

Се почесто луѓето одговорите за здравјето ги бараат на Гугл. Токму затоа, новинари на CNN истражиле кои десет прашања поврзани со здравјето најмногу ги интересирале Американците во 2016 година.

Освен вечните прашања (дали може да се затрудни за време на месечниот циклус), во годината во заминување се нашле и прашањата за вирусот Зика, трауматските повреди на мозокот и „cupping“ терапијата.

Што е Зика вирус?

Вирусот Зика е најголемата здравствена тема во 2016 година. Меѓу десетте најпребарувани здравствени прашања на Гугл, две се однесуваат на овој вирус. Шестото најгуглано прашање е „Кои се симптомите за Зика“, додека прашањето „Колку трае Зика вирусот“ се нашло на деветтото место. Инаку, Зика е вирус што се пренесува преку угриз од комарец, преку сексуален однос, трансфузија на крвта и при породување од мајката на детето.

За Зика не постои лек, нити вакцина. Симптомите траат неколку дена, а вклучуваат треска, осип, болка во зглобовите, црвенило во очите, болка во мускулите и главоболка. Кога се пренесува во бременоста, може да предизвика бројни нарушувања, како што е микроцефалија, при што главата на бебето е помала од вообичаено, а во некои случаи го оневозможува целосниот развој на мозокот.

4500 случаи во САД

Вирусот првпат е идентификуван во 1947 година, а во 2015 се забележани 7000 случаи со зараза од вирусот во Бразил, од каде што, во 2016 година, се проширил низ целиот свет.

Во февруари годинава, Светската здравствена организација издала меѓународно предупредување особено до трудниците, советувајќи ги да не патуваат на подрачјата со евидентирана зараза од вирусот. До 21 декември, во САД се забележани 4.756 случаи, од кои 215 се предизвикани со угриз од комарец во САД, а 4.541 случај од угриз на комарец за време на патување. Една зараза се случила во лабораторија. Поголемиот дел од локалните случаи во САД се забележани во јужна Флорида и во Тексас.

„Cupping“ терапија

Меѓу најпребаруваните прашања на Гугл се најде и прашањето „што е ‘cupping’ терапија“. Годината во заминување беше олимписка година, а интересот за оваа терапија го покренаа темните дамки на телата на пливачот Мајкл Фелпс и на гимнастичарот Алекс Надур.

„Cupping“ е древна тераписка практика при што загреани стаклени чаши се ставаат врз болните мускули. Чашите (од отворената страна) предизвикуваат делумен вакуум, за што се верува дека ги стимулира мускулите и го поттикнува крвотокот, па на тој начин ја повлекуваат болката во мускулите. При терапијата, остануваат темни дамки, што наликуваат на љубовен угриз.

Што е TBI?

Четвртото најпоставувано здравствено прашање на Гугл во Америка било „што е TBI“. Тоа е кратенка за Traumatic brain injury (трауматска повреда на мозокот), најчесто предизвикана при спортска повреда, повреди во сообраќајни незгоди, физичко насилство и други ситуации кога ударот во глава остава трајни последици на мозокот.

Симптомите можат да се појават и недела дена после повредата, а вклучуваат главоболки, губење на координацијата, мумлање при говор, пелтечење, губиток на свест и проблеми со будењето.

Како прашање од интерес, TBI се појавил после убиството на Кит Ламонт Скот од страна на полицијата во Шарлот. Сопругата на Скот во видеото што се проширило низ медиумите, ја преупредува полицијата дела Скот има трауматска повреда на мозокот.

Овие се десетте најпоставувани здравствени прашања на Гугл во САД, во 2016 година:

1. Што е „cupping“ терапија?

2. Дали може да се затрудни за време на месечен циклус? (одговорот е ДА)

3. Дали бронхитисот е заразен?

4. Што е TBI?

5. Што го предизвикува воспалението на слузницата?

6. Кои се симптомите на вирусот Зика?

7. Како најбрзо да се ослободиш од херпесот?

8. Колку долго е заразен конјуктивитисот?

9. Колку долго трае вирусот Зика?

10. Дали може да се затрудни на контрацептивни таблети?

Коментари

Популарно