Како правилно се празнува Бадник според православните канони?

Најпрво, треба да расчистите, дали припаѓате на делот од верниците кои ги следат народните традиции, кои во себе во многу содржат пагански делови, традиции на други народи, односно, дали верата и црквата, односот со Бог го сфаќате како должничко – доверителски однос (ќе ти запалам свеќа – ако ми дадеш здравје), или, припаѓате на втората група верници, кои секоја недела одат на литургија, ги постат четирите годишни пости, не бараат од Бога, туку само му заблагодаруваат што се живи и за се што им се случува во животот, се исповедаат и ја примаат светата тајна причест!

За да ви стане појасно ова, еве еден цитат од Митрополитот Струмички Наум:

“Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови.

Без остварување на оваа цел,може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог!”

Сепак, преку ноќ не може да се сменат навиките и убедувањата, ама од некаде треба да се започне. Би било добро тоа да биде Бадниковата трпеза!

Еве што таа треба да содржи:

Бидејќи последниот ден пред Христовото Раѓање, Божиќ, е строг пост, се подразбира дека на трпезата не треба да има јадења кои содржат масло, уште помалку риба!

Па така, на трпезата може да имате посно гравче, посна леќа, или некое друго вариво од зеленчук.

Варени или печени костени, варена пченица, макало од грав и компир, јаткасто овошје, овошје...

Постот на вода исто така подразбира дека не треба да се пие алкохол, па така, виното оставете го за Божиќ.

Лебчето со паричка, според православната традиција, се прави на Василица, не на Бадник.

Задолжително, пред почетокот на ручекот или вечерата, треба да се каже молитвата кон Бога.

Коментари

Популарно