Македонска православна црква: Да не се пее „Коледел леде“, огновите уште ќе горат

Отворени цркви во ноќта во која ќе се пречекува световната Нова година, менување на коледарската песна „Kоледе леде“ со „Вечниот Бог“, се позачестени мислења дека не треба да се палат коледарски огнови по населбите... се промените што деновиве се случуваат во рамките на Македонската православна црква во пресрет на божикните празнувања.

Традиционалната коледарска песна „Kоледе леде, паднало греде“, која на Бадник од рано изутрина ја пеат групи деца што ги обиколуваат домовите на луѓето што потоа ги даруваат со пари, ореви, бонбони... Наместо неа, ќе се форсира пеењето на старата бадниковата песна „Вечниот Бог“, која има длабоко религиозно значење. За таа цел во повеќе градови во земјава, како Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Радовиш, Kичево, Гостивар, Ресен итн. ќе бидат организирани повеќе колони со децата и свештеници кои ќе ја пеат оваа стара песна од византиски период. Тие ќе одат по главните градски улици, ќе посетуваат домови на граѓани при што верниците ќе можат да ги даруваат со подароци како и досега.

Од друга страна, како дел од божикните празнувања се и коледарски огнови, кои, според обичаите, се палат најмногу во Скопје вечерта на 5 јануари. Иако во рамките на МПЦ постојат силни мислења дека и овие коледарски огнови се дел од паганската традиција и оти не треба повеќе да се палат, овој обичај и натаму опстојува. Проблем кај овие коледарски огнови е што на нив се пушта силна музика, која не е религиозна, што се точи греено вино и ракија, што неретко се разгоруваат скари... а што е неспојливо со периодот на божиќните пости.

Познатиот македонски теолог Јован Таковски е категоричен во тоа дека ваквите огнови воопшто не треба да се палат.

- Тоа се само пагански обичаи со кои Бадник се претвора во забава, а се прекинуваат постот и подготовката за празникот. Нема врска меѓу огнот и пештерата во која се родил Исус Христос. Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмот. Не случајно во таа пригода се читаат најмногу молитви. Постот е неспојлив со пиењето ракија и грешка е ако некој мисли дека на тој начин ќе ги привлече луѓето кон Црквата – порача Таковски, кој додава дека свештениците не треба да се појавуваат на ваквите собирања.

Тој смета дека и самите општини не треба да ги стимулираат огновите со тоа што ќе подаруваат дрва за горење. Со тоа, покрај другото, дополнително се загадувал и така загадениот воздух во Скопје.

Организаторите посочуваат дека секој заинтересиран може да дел од ова торжествено движење, а исто така можат да се пријавуваат и да ги пријавуваат своите деца за учење на Бадниковата песна „Вечниот Бог“.

-Ве повикуваме да станете дел од овој несекојдневен настан, за сите заедно да ја благовестиме прекрасната вест за раѓањето на Младенецот Христос, Кој дојде за да донесе „на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”. А следниот ден, на празникот Божик, со духовна радост да ги преполнеме храмовите во нашата земја и со нашето присуство на Божествената Литургија да испратиме мирољубива порака до сите наши граѓани, објавувајќи ја најрадосната вест за раѓањето на Младенецот Христос од Дева Марија, велат организаторите.

Еве како звучи бадниковата песна „Вечниот бог„:

Коментари

Популарно