Циститис: Сè што треба да знаете за инфекцијата на мочниот меур

Инфекциите на уринарниот тракт се чест здравствен проблем, особено кај женската популација. Според истражувањата, една од пет возрасни жени во текот на животот ќе се соочи со ова заболување.

Во зависност од тоа кој дел од уринарниот тракт е зафатен, разликуваме дистална ИУТ (инфекција на мочен меур и уретра) и проксимална ИУТ (инфекција на бубрег). Инфекцијата на мочниот меур се нарекува циститис. Мочниот меур е дел од уринарниот систем, кој има за цел да ја сторнира урината. Циститис се јавува доколку истовремено настане микробна колонизација на урината и ткивна инвазија.

ШТО ГО ПРЕДИЗВИКУВА ЦИСТИТИСОТ?

Најчести предизвикувачи на циститис се бактериите, но инфекцијата може да се должи и на инвазија со микобактерии, габички, паразити и поретко вируси. Убедливо, со застапеност од 85% од случаите на бактериски циститис, најчест причинител е Escherichia coli. Останатиот дел од бактериските циститиси се предизвикани од Proteus, Klebsiella, Staphylococcus saprophyticus, Enterobacter, Streptococcus spp. и др.

Кај габичниот циститис, Candida e најчест причинител. Инфекцијата се јавува при компромитиран имун систем или нетретирана нефролитијаза (камен во бубрег) со рекурентни инфекции.

Циститисот може да се јави како резултат на радијација, консумирање на одредени медикаменти (хемотерапија), во склоп на други заболувања, при користење на хемиски продукти како спермицидни препарати, купки итн.

СИМПТОМИ И ЗНАЦИ НА ЦИСТИТИС

Главните симптоми и знаци за циститис се:

-Често мокрење;

-Мокрење мали количества урина;

-Дизурија (болно/отежнато мокрење);

-Чувство на недоизмокреност;

-Инконтиненција;

-Лош мирис на урина;

-Матна урина;

-Ноктурија (ноќно мокрење);

-Чувство на тежина во долниот дел од абдоменот;

-Хематурија (крв во урина) кај околу 30% од случаите.

Доколку инфекцијата не се третира, клиничката слика може да прогредира и дополнително да се јави силна болка во слабината, треска, температура и повраќање. Тоа укажува на фактот дека инфекцијата се проширила и ги зафатила горните партии на уринарниот тракт – бубрезите.

КОИ СЕ РИЗИК ФАКТОРИ?

Инфекциите на уринарниот тракт, вклучувајќи го и циститисот, почесто се јавуваат кај женскиот пол. Главната причина за тоа се смета дека е анатомијата на женските урогенитални органи. Уретрата (цевчест орган преку кој урината излегува од мочниот меур) кај жената е кратка, а нејзиниот отвор е во близина на анусот. Ваквата анатомска градба и поставеност овозможува лесно преминување на бактериите од колонот кон мочниот меур.

Главни ризик фактори за појава на циститис кај жени

Бременост. Притисокот од зголемувањето на матката врз структурите од уринарниот тракт, го зголемува ризикот за појава на инфекција на мочниот меур.

Постменопауза. Постменопаузалните жени имаат зголемен ризик за појава на циститис, поради промените кои настануваат во оваа животна доба како: уринарна инконтиненција, сувост на вагината, уринарна ретенција и пролапс на генитални органи.

Контрацепција. Со поставување на одредени средства за контрацепција во женските генитални органи како дијафрагма, се зголемува ризикот за појава на циститис.

Сексуална активност. Честата промена на партнери и зголемената сексуална активност се поврзуваат со појава на инфекција на мочниот меур.

Главни ризик фактори за појава на циститис кај жени и мажи

Поставување на катетер. Уринарните катетери се цевчести структури, кои се употребуваат во случај кога нема можност природно да се уринира. Со поставувањето на катетер, се овозможува транспорт на бактериите директно од надворешноста во мочниот меур.

Нарушување на имуниот систем. Одредени состојби како ХИВ, дијабетес, малигни заболувања влијаат врз имуниот систем, со што се зголемува ризикот за појава на инфекции, вклучувајќи го и циститисот.

Нарушување на протокот на урина. Опструкција на уринарните патишта предизвикана од бубрежни камења или кај мажите од зголемена простата, може да го зголеми ризикот за уринарна инфекција.

Анатомски аномалии на уринарниот тракт. Анатомските аномалии како везико-уретерален рефлукс, често се поврзуваат со појава на циститис.

ДИЈАГНОЗА

За да се докаже инфекција на уринарниот тракт, потребно е да се земе примерок од урина и да се направи биохемиско испитување на урината и уринокултура.

Со цел да не се добијат лажно позитивни резултати и да се избегне контаминација од екстрауринарни извори, од исклучителна важност е правилното собирање на примерокот.

КАКО ПРАВИЛНО ДА ЗЕМЕТЕ ПРИМЕРОК ОД УРИНА?

Најдобро е примерокот да се земе наутро, по станување при полн мочен меур (прва утринска урина). Следете ги следните чекори:

-Земете стерилна чаша.

-Темелно измијте ги рацете.

-Темелно измијте ја урогениталната област. Кај жени, потребно е добро да се измие вагината и уретрата, а после тоа гениталната област да се избрише со потези од напред кон назад (од вагината кон анусот). На тој начин се спречува контаминација на вагината со бактерии кои нормално се наоѓаат во анусот. Кај мажи, потребно е да се вовлече кожинката и добро да се измие главата на пенисот.

-Отворете ја стерилната чаша, без да ја допирате внатрешната површина.

-Започнете со процесот на уринирање во WC-шолјата. При мокрењето, жените треба да ги држат срамните усни одвоени.

-После првиот млаз (првите неколку секунди од процесот на мокрење), уринирајте во стерилната чаша без притоа да стопирате со мокрењето. Потребни се околу 60 мл урина.

-Завршете со уринирањето во WC-шолјата.

-Затворете ја стерилната чаша.

-Повторно измијте ги рацете.

Во одредени случаи за поставување на дијагноза, потребни се и други испитувања како цистоскопија, нативна графија на уротрактот и интравенозна урографија.

ЛЕКУВАЊЕ

Кај бактерискиот циститис потребен е антибиотски третман и тоа најчесто Sulfamethoxazole/Trimethoprim, Ampicillin, Amoxicillin, Ciprofloxacin, Ofloxacin и др. Покрај медикаментозниот третман, се препорачува внес на течности најмалку 2 литри на ден, за да се мокри на секои 2-3 часа.

Коментари

Популарно