Албанската платформа е решение за кризата во Македонија!

Утре се точно 4 месеци по последните предвремени парламентарни избори во Македонија. Денеска на програмата е 10то продолжение на конститутивната седница во собранието на Република Македонија. Таму ништо ново. ВМРО ДПМНЕ го кочи формирањето на нова Влада од парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ, Беса и партијата на Зијадин Села. Од спротивната страна, СДСМ и понатаму одбива да дебатира и образложи што точно од Албанската Платформа прифатиле за да ги добијат потписите од албанските партии. Терминот „процедурално“ никогаш не бил употребен повеќе пати, а деловникот на собранието волку анализиран. Но, реултат НЕМА!

Пред собранието секојдневно голем број на луѓе протестираат во име на „Заедничка Македонија“ против албанската палтформа, но и за нив парламентарските партии имаат различен став. За ВМРО ДПМНЕ тоа е народ загрижен за својата држава, а за СДСМ изманипулирани граѓани од страна на политичкиот опонент. Резултат, повторно НЕМА!

Народот никогаш волку поделен. Политичкото лудило во последниве 2-3 години, успеа да го раскара народот и политички да го спротистави, па иако сите анкети покажуваат дека Македонците се за отфрлање на албанската платформа/декларација, за дел од нив некои други работи имаат приоритет. Ако ваков ултматум од албанскиот политички блок беше испорачан пред кризата во државава, истиот ќе беше осуден во еден ден и целата приказна веднаш ќе завршеше. Не велам дека кризава е формирана токму за да се создаде амбиент во кој платформата заверена во Тирана ќе има некакви шанси да биде имплементирана, но јасно е дека во нормални политички услови ваков ултиматум немаше да се појави.

Сепак, како што кажа и пратеникот Ферид Мухиќ од собраниската седница, албанската платформа/декларација, ултиматумот на албанските партии не се коси со демократијата. Токму како што кажа професорот Мухиќ, секој има право да се бори за своите права и правата на гласачите кои ги преставува во собранието. Не постои лимит, граница на барањата на било која политичка партија или етничка група во уставот на Македонија или во уставот на  било која демократкса држава. Терминот „доста им дадовме“ вели пратеникот не е демократски со што јас потполно се сложувам. Дали собранието ќе се сложи или ќе ги одобри овие барања, е одлука на мнозинството во собранието (просто или 2/3 мнозиснтво во зафисност од законот). Така функционира секоја демократија во светот. Но, професорот заборава да спомне дека албанската платформа се коси со Рамковнот договор, односно е обид за негово редефинирање. Не велам дека редифинирањето на Охридскиот договор е кршење на демократијата, напротив мислам дека токму тоа е излез од бинационалната држава во која сме втурнати.

Рамковниот договор потпишан во 2001 година и неговата имплементација, требаше за секогаш да ги реши сите несогласувања во однос на правата на Албанците во Македонија. Во него е дефиниран односот на државата кон најголемото малцинство во Макеоднија и неговоите права. Догоровот потпишан во Охрид, по воениот конфликт во Македонија, реши многу проблеми во државава, за кои претходно никој немаше храброст да разговара, но отвори и многу нови. Најголемиот проблем кој произлезе од истиот е дефинирањето на Македонија како бинационална држава. 16 години откако тогаш лидерите на политичките партии ги ставија потписите на „решението“ за сите меѓуетнички проблеми во државава, денеска, конечно е јасно дека тој договор е далеку од решение, туку извор на проблеми. Токму затоа и се слагам со пратеникот Ферид Мухиќ, дека демократски е во собранието а се бараат измени на закони за подобрување на Македонија како демократска држава. Апсолутно се слагам дека албанские партии смеат да побараат исполнување на платформа/декларација, иако тоа значи редефинирање на Рамковниот договор. Всушност со тоа ДУИ, БЕСА и партијата на Зиједин Села, покажаа дека Охридскиот повеќе не е РАМКА, не е СВЕТ, туку несовршен договор на кој треба да се работи. И тие се свесни дека дури и да помине платформата во новата влада со СДСМ, за кратко време таа влада ќе падне, а новата, во која повторно доминантна партија ќе биде носител на најголемиот број гласови на Македонците во Македонија, ќе го има секое право да го смени Рамковниот договор, како што сега тие се обидуваат да го сменат.

Ултиматумот заверен во Тирана, под код „декларација“ или „платформа“ има за цел да ги изедначи Македонците и Албанците во Македонија, во име на демократијата и еднаквоста. ИЗЕДНАЧУВАЊЕ и ЕДНАКВОСТ се сосема различни зборови! Кога едната заедница е најмалку 3 пати побројна од другата, изедначувањето не значи еднаквост, туку узурпација од помалата заедница. Никој во Македонија нема против Албанците да го користат својот мајчин јазик во средините каде постои реална потеба за тоа, или како што уврдува Рамковниот договор и Уставот, онаму каде се повеќе од 20% од населението, НО барањето Албанскиот јазик да се изедначи со Македонскиот јазик во Македонија, не е чин на демократија, ниту на еднаквост. Барањето за промена на националните симболи и за осуда на ГЕНОЦИД врз Албанците на оваа територија во период од 1912 до 1956 година, исто така немат никаква допирна точка со ЕДНАКВОСТ. Формирање на „тркалезна маса“ на парламенарните албански партии во Македонија, која ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување, нема допирна точка со демократија и Унитарност, туку е сепарирање на Албанците од државата и формирање на паралелна институција надвор од државата.

Токму затоа мислам дека Албанскта платформа/декларација е најдоброто нешто што албанските партии можеа да го направат за Македонија. Нивниот обид за рдефинирање на Рамковниот договор е навистина и решение за бинационалната криза во која сме влезени од 2001 година. „Решението“ кое тие го нудат е апсолутно неприфатливо, но прифатливо е редефинирањето на Охридскиот договор и редефинирањето на Македонија како унитарна, место бинационлна држава. Време е да ја поправиме грешката потпишана под принуда на тогашната ситуација и изградиме темели за реална мултетничка Македонија.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно