ВНИМАВАЈТЕ - Епидемијата на малите сипаници стигна близу до Македонија

Повеќе од 1.500 случаи на мали сипаници се регистрирани во 14 европски држави во првите два месеца од 2017 година, соопшти Светската здравствена организација. Меѓу нив се и Хрватска, Италија и Бугарија, со што оваа заразна болест стигнува поблизу до Македонија.

Иако сѐ уште нема директна опасност од ширење на малите сипаници, и кај нас, како и во овие европски земји, стапката на вакцинација е под 90 отсто. Односно, опфатот е околу 85 отсто, под прагот за успешна колективна имунизација.

Епидемиолозите велат дека болестите како мали сипаници, рубеола, заушки, голема кашлица, детска парализа, беа ставени под контрола, беа елиминирани или беа пред елиминација, до појавата на антивакциналните движења, поради што граѓаните изразуваат сомнеж во вакцините, и опфатот на вакцинација опадна. Особено проблематична е токму ММР-вакцината (мали сипаници, рубеола и заразни заушки), која дел од родителите ја поврзуваат со аутизам, па не ги вакцинираат децата. Епидемиолозите се согласни дека вакцината е единствена превенција против малите сипаници, кои за заболените деца можат да имаат сериозни последици или дури да предизвикаат смртен исход.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведе дека причина за толку голем број заразени е „акумулација на невакцинирани лица“. Во десет држави, Австрија, Белгија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Шпанија и Шведска, бројот на регистрирани случаи во јануари и февруари 2017 година е двапати поголем отколку во истиот период во 2016 година. Од 1 март 2016 година до 28 февруари 2017 година во Европа се регистрирани 5.881 случај на мали сипаници, од кои 46 отсто во Романија, 24 отсто во Италија и 9 отсто во Британија. Во 2015 и 2016 година, околу третина заболени се лица постари од 20 години. 

Според податоци на СЗО, во 2015 година од мали сипаници починале 134.000 луѓе.

Коментари

Популарно