По крвта во собранието Македонија е „заедничка“ или „едно општество“ за сите?

Кога пред 3 години Фленсбург го елиминра Вардар во последното коло пред големиот фајнал фор, не гледав спорт 3 месеци. Многу спортски екипи за кои сум навивам губеле, но два пораза секогаш ќе паметам. ФК Вардар – Спарта Прага и вкупниот пораз на РК Вардар со Фленсбург во 2014 година. Три години црвено – црните беа блиску до најголемите 4, но кога оваа сезона стана очигледно дека Германците ќе ни бидат последната пречка, јасно ми беше дека е врме за одмазда. Вардар го најави тоа во првите 60 минути во Германија, па едвај го чекав почетокот на мечот во Скопје. И токму пред да почне.... Кога требаше да ги бодрам и славам... Да славам победа, фајнал фор, ИСТОРИЈА... Мечот го догледав до крај, но чувството за победа, одмазда, величина, не дојдоа во очекуваниот сјај, ако воопшто и се појавија. Вардар и во иднина ќе игра Фајнал фор и ќе испишува нова историја на успеси. Црвено црните станаа ракометен џин за кој е само прашање на време кога ќе ја покори Европа. Во тоа воопшто не се сомневам, но ме плаши дека до тогаш пола Македонија ќе навива за црвениот, а другата половина за црниот дел од дресот на Вардар.

Еве сме утрово онаму каде реков дека ќе бидеме многу одамна. На добар дел од читателите не им се допдна насловот на мојот текст „ВМРО и СДСМ немаат решение – доаѓа војна?“ пред еден месец , па по повеќе поплаки го сменив насловот. Но, види чудо, ситуацијата продолжи по својот пат. Право надолу! Јас не сум видовид (не за се  ), интуиција ми е страна работа, не сум аналитичар, ниту стручњак, но и не треба да си ниедно од наведените за да препознаеш дека приказнава нема да има среќен крај, за НИКОГО!

„Сега кога Уставот не не штити и кога правилата на игра веќе не постојат, кога нема судија, секој одговара за сопствените постапки само пред себе. На секој од нас му е препуштено да одлучи по кој пат ќе тргне. Дали ќе следи партија или она што му вели совеста. Дали ќе го гледа сопствениот ќар или пак доброто за државата за која гинеле генерации. Оставете ги боите, не е важно дали припаѓате на „шарената“ или на „црната“ револуција. партиското знаме не е решение, туку напротив - проблемот. Крајно време е да се сплотиме и заедно да најдеме излез.“, пишував во таа колумна, но она вчера во собранието беше токму спротивното. Најпрво пратениците си тераа свои агенди, па Заев се закани, на што доби иста реторика од „За заедничка Македонија“. Потоа за прв пат во историјата слушнавме пратеник од собраниска говорница да пее химна на туѓа држава (албанската), па видовме избор на претседател на собрание надвор од деловники здрав разум и на крај КРВ!

Повредени пратеници, полицајци и демонстранти. Крв по собранискиот мермер и по улиците. Шок бомби, пендраци по демонстрантите, камења и шишиња по полицијата. Искршен инвентар и новинаркса опрема... И? Подобро ли е сега? Победи ли некој? Имате ли сега решение? Сега Македонија е „заедничка“ или стана „едно општество“ за сите? Во НАТО и во ЕУ кога ќе не примат? Неделава или следната? А платформа има ли? Помина ли?

За лудилото да биде целосно се погрижија и медиумите. Мислиш од две различни држави ти презентираат вести. Се согласија дека имало државен удар, само никако да се договорат кој го направил. СДСМ со албанските коалициони партнери или „За заедничка Македонија“.

Во Јане Сандански немаше два победника, немаше бомби, пендраци, крв... Имаше правила, исти за сите. Имаше битка, машка, гради во гради, без скриени агенди (платформи). Многу пот, борба и на крај победа на подобриот. Фантастична атмосфера и публика која навиваше за црвено-црна ракометна историја. Историја подеднакво црвена, колку и црна, и момци спремни да дадат се за тие бои. Токму затоа Вардар је тресе Европа, а собранието ја тресе и онака не стабилната држава и нејзиниот унитарен карактер.

Ме плаши дека ова не е кулминацијата. Сценографијата и приказната сериозно многу потсетуваат на Украина... Затоа уште еднаш, СЕКОЈ ОД НАС НОСИ ОДГОВОРНОСТ ЗА СВОИТЕ ПОСТАПКИ! Да, одговорноста на политичарите е најголема, но и ние кои немаме функции носиме одговорнсот за своите постапки. Запомнете, оној кој е симпатизер на другите, не е лош човек, само има различно животно искуство од вашето. И тој сака подобро утре за себе и своите деца, а со тоа и за вас и вашите деца. Само идејата за тоа како до поквалиетен живот ви се различни. Ништо друго. 

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно