(ВИДЕО) Зијадин Села во стабилна состојба – пратениците од СДСМ кај него на посета

28 пациенти се хоспитализирани во Ургентниот центар во Скопје. Поголем дел од нив се во стабилна состојба, а две лица се оперирани. Најтешко повреден во синоќшниот инцидент е лидерот на ДР-ДПА Зијадин Села, кој откако беше евакуиран од Собранието, заврши на ургентниот центар на Клиниката „Мајка Тереза“. Иако бил хоспитализиран со тешки телесни повреди, сепак лекарите велат дека во моментов Села се наоѓа во стабилна здравствена состојба.

Денеска Села го посетија пратеници од СДСМ, меѓу нив и Мухамед Зекири. Меѓу нападнатите во синоќниот инцидент беше и Зоран Заев и уште неколку пратеници од оваа партија. Зекири вели дека тие се во добра состојба.

И пратеникот Ферид Мухиќ, кој вчера , како втор најстар пратеник во Собранието ја водеше седницата на која мнозинството го избра Талат Џафери за претседател, го посети Села.

Според информациите од МВР во инцидентот се повредени 109 лица. Синоќа до 23:30 часот, лекарска помош побарале 70 лица, 22 полицајци и тројца пратеници.

Коментари

Популарно