Почна да се шпекулира со имиња: Ова се министрите во владата на Заев

Иако од денеска започнаа да течат дваесетте дена во кои мандатарот Зоран Заев треба да ја состави владата, веќе почнаа да се вртат имињата на новите министри. Партиите, кои треба да бидат дел од новата влада, до Заев доставиле предлог, но вистински разговори допрва следуваат.

Министерскиот колач во новата влада ќе го делат СДСМ, ДУИ, „Алијансата за Албанците“ и можеби Беса. Најголем дел од министерските места ќе добие СДСМ, а останатите ќе ги поделат коалициските партии од албанскиот блок.

Артан Груби се споменува како иден вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор. Вицепремиерско место е предвидено и за бизнисменот Кочо Анѓушев во секторот за економија. Неизвесно е кое место ќе го заземеме потпретседателката Радмила Шекеринска. Нејзиното име се врти како министер за одбрана, но поизвесно е дека таа повторно ќе го води секторот евроинтеграции за кој има познавања.

Најголема борба има за Министерството за надворешни работи. И СДСМ и ДУИ го сакаат ова министерство, па Заев ќе има тешка задача да се одлучи. Најверојатно нов шеф на дипломатијата ќе биде Никола Димитров или, пак, досегашната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.

Министерството за здравство најверојатно ќе му припадне на движењето на реформи - ДПА. Како имиња се споменуваат Арбен Таравари или, пак, Зијадин Села. Оливер Спасовски треба да биде старо-нов министер за внатрешни работи, Роберт Алѓозовски на култура, а Љупчо Николовски во земјоделство.

Коментари

Популарно