ВИДЕО: Белград под вода - страшното невреме доаѓа кон Македонија

Возила целосно потонати, автомобили качени на тротоари, улици поплавени и претворени во езера длабоки по два метра се последиците од невремето што ги зафати северните делови на Србија. Најтешка е ситуацијата во Нови Сад каде што подвозниците се веќе целосно под вода, а истата состојба се пренесува и кон Белград.

Според најавите од хидрометеоролозите, за попладневните часови и кај нас се очекува да дојде големо невреме, проследено со поројни врнежи, грмотевици и град. На граѓаните им се апелира да не тргнуваат на пат во попладневните часови, како и да избегнат престој на отворено во периодите кога се очекува поголема дестабилизација на временската состојба.

Од УХМР најавија дека денеска температурата ќе се движи од 13 до 26 степени. Во наредните денови подрачјето на цела држава ќе биде под влијание на влажни воздушни бранови, што ќе предизвика времето да биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни и проследени со грмежи.

Се очекува невремето да ја покаже најголемата сила во текот на утрешниот ден. В четврток врнежите исто така ќе бидат обилни, особено во јужните делови. Од четврток ќе дува повремено засилен северен ветер, што ќе услови посвежо време. Од петок до недела ќе има повеќе сончеви периоди, а врнежите ќе бидат послаби и локални.

Коментари

Популарно