ТРАНСФЕР БОМБА: Кузмановски од Металург во Магдебург!

Големиот талент на македоснкиот ракомет, капитенот на Металург, Филип Кузмановски, ќе ги следи стапките на неговиот поранешен соиграч Филип Талески, и од сезоната 2018/2019 ќе игра во моментно најсилната ракометна лига во светот – Бундеслигата. Кузмановски треба да ги брани боите на некогашниот германски шампион Магдебург. Играчот на Металург на почетокот на годинава го продолжи договорот со Металург до 2020 година, но нема остане во тимот од Автокоманда до истекот на договорот.

Доколку се договори соодветно обештетување можно е трансферот да биде реализиран и порано од предвиденото, слично како што беше и во случајот на Талески кога Германците платија поголемо обештетување за да може тој половина сезона порано да замине.

Само пред неколку денови стигна и веста дека од Металург исписница добил и Марко Нелоски. Тој уште летово ќе бара нов клуб, иако и за него се шпекулира дека ќе оди на печалба. Иако вложи многу напри да ги собере талентираните млади ракометари, Металург не успева да ги задржи. Во февруари си замина и Талески кој потпиша за Рајн Некар, а клубот реши на позајмица во Еурофарм Работник да ги прати Горан Крстевски и Томислав Јагуриновски.

Левиот бек Кузмановски, кој е актуелен сениорски репрезентативец на Македонија имаше пех со повреда и го пропушти СП во Франција во јануари, но во финишот на сезоната, на клупски и на репрезентативен план игра во одлична форма. За него се заинтересирани неколку клубови, а да го ангажира сакаше и Вардар кој имаше разговори со Кумановски токму во време кога тој го продолжуваше договорот со тимот од Автокоманда.

Магдебург е поранешeн европски првак од сезоната 2001/2002, а последната титула во Бундес Лигата ја освоиво сезоната 2000/2001, додека лани беше победник во германскиот Куп. Во моментов на левата бековска позиција таму играат германскиот репрезентативец Фин Лемке и данскиот интернационалец Михаел Дамгард.

Кузмановски потекнува од школата на битолски Пелистер, a во 2015 година се пресели во Металург и стана сениорски репрезентативец. Тој исто така е член и на младинската репрезентација, со која го очекува настапот на СП во Алжир.

Коментари

Популарно