Нова повластена паркинг карта за корисниците на ЈП ПОЦ

Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на денешната прес конференција ја претстави новата повластена паркинг карта за тренери и членови во спортски клубови и спортиски друштва со цел полесно извршување на активностите поврзани со вршењето на спортската дејност регистрирани на територија на Општина Центар.

„Управниот одбор на јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ на 66-та седница одржана на ден 19.05.2017 година донесе Одлука за воведување и утврдување на паркинг карта за тренери во спортски клубови и спортисти (ППКС).

Имено, правото на издавање и користење на оваа паркинг карта го остварува секое физичко лице кое е сопственик на патничко моторно возило и е ангажирано како тренер во спортски клуб или е активен спортист во спорски клуб чиешто седиште е регистрирано во Општина Центар.

Потребни документи кои се доставуваат на увид при склучување на договор за користење на ППКС се: лична карта; сообраќајна дозвола за ПМВ издадена од надлежен орган; потврда од спортскиот клуб дека лицето е ангажирано како тренер или дека е активен спортист; тековна состојба за спортскиот клуб издадена од ЦРМ, не постара од 6 месеци и решение за регистрација на спортски клуб издадено од Агенција за млади и спорт на Република Македонија.

Цената за овој вид паркинг карта е: еднократен надомест за издавање – 350,00 денари и месечен надомест за користење – 250,00 денари. Договорот за издавање и користење на ППКС може да биде со времетраење најдолго до една година.

Корисниците на ППКС имаат право на користење на конкретното јавно паркиралиште од отворен тип во Зона I, Зона 0I и Зона II за чиешто користење е склучен договор, во вкупно времетраење од 2 часа дневно, а по надминување на истите ќе се применуваат општите услови за користење на јавни паркиралишта.

Коментари

Популарно