Стинг во Македонија

15 октомври Скопје ќе гори. Познатиот пејач Стинг ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“, информира „Авалон продукција“.

Со големо задоволство ве информираме дека на Македонија ќе и` се случи најголемиот концерт во нејзината досегашна историја! Во рамките на големата светска турнеја „57th & 9th“ по повод истоимениот албум,на 15 октомври, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, концерт ќе одржи едно од најголемите светски музички имиња на сите времиња, Стинг – се вели во соопштението на „Авалон“.

На оваа турнеја Стинг свири неколку песни од навистина извонредниот нов албум, како и најголемите хитови од неговата соло кариера: „Fragile“, „Desert Rose“, „Fields of Gold“…, како и од времето на легендарната група Полис: „Message in the bottle“, „Walking on the moon“, „Every breath you take“…

Стинг заедно со Ролинг стонс, Брус Спрингстин, Ју ту, Депеш мод, Колдплеј…, е претставник на таканаречената А листа на артисти од областа на рок музиката.

Стинг е веќе на промотивна светска турнеја од февруари годинава, во која ги опфаќа сите континенти.

Инаку, Авалон продукција го потврди концертот на Стинг во Скопје на 5 мај, а според инструкциите на менаџментот на Стинг, како ден за објава на ова шоу е одбран токму денешниот ден.

Коментари

Популарно