Кој навистина пукаше во Тодоров? Дедото на Тамара или?

Денеска имав намера да го преточам во текст мојот став за новата влада, под лидерство на Зоран Заев, но целото внимание на македонската јавност, оправдано, се сврте кон обидот за убиство врз Никола Тодоров.

Кога последен пат во Македонија имаше обид за атентат, јас сеуште бев во средно училиште. Тогаш бомба во паркирано возило го разнесе мерцедесот во кој се возеше претседателот Киро Глигоров. Се сеќавам колку сериозно ни ја пренесоа таа информација професорите. Потресени, исплашени, речиси во солзи. Се сеќавам и на мојата реакција. „Шо се потресле овие волку?“ Си имав ја тогаш побитни работи. Иако сега не се сеќавам  со  која, ама сигурен сум дека сум имал некаква „драма“ со некоја девојка. Редовно во војна со моите родители, кои очекуваа да фатам книга, а јас да ме остават на раат и да пуштат некој денар за искачање. „Муки“ средношколски. Денеска не сум средношколец, па обидот да се убие поранешен министер не го сфаќам толку лајт. Сепак, проблемот не е во промената на моите разбирања на светот, туку во промената на реакцијата на возрасното население во Македонија и секако медиумите.

Кога во 1995 година се случи обидот за атентат врз Глигоров, народот, оние возрасните, тоа го сфатија како напад врз државата и обид за рушење на цел поредок, па дури и народ. Медиумите, сите до еден (иако реално беа неспоредливо помалку од сега) веста ја пренесоа со максимална сериозност и никој не се обиде да ја спинува. Немаше ниту еден човек, а уште помалку медиум, кој го оправда или се обиде да го намали чинот кој тој ден се случи. Денеска е поинаку. Во ред, Тодоров не е претседател на Македонија, ниту пак во моментов има некаква државна функција, но причина за обидот за ликвидација е токму неговата штотуку завршена министерка функција. Обидот за атентат врз него, не е испровоциран затоа што Никола е ружен или дебел, дека должи пари или нешто слично, туку само затоа што бил министер за здравство на Македонија. Тоа што мандатот му завршил, не го менува фактот дека обидот за убиство е врз миннистерот, а не личноста Никола Тодоров.

Јасно ми е дека дел од населенито во Македонија, работата на Тодоров како министер за здравство ја оценува како скандалозна, но од денешна перспектива и Глигоров има направено многу големи грешки, а никој тогаш не посака да умре на операцискиот стол. Денеска е поинкау. Се изначитав статуси на Фејсбук, се изнаслушав јавувања во програма во живо по телевизиите, дека „така му требало“, „штета што не го убил“ и слично. Да биде уште пострашно, тоа доаѓа од устите на истите оние кои пред нешто повеќе од еден месец се згрозија од упадот во собранието и нападот врз дел од пратениците! Тогаш тоа беше СТРАШНО, ВАНДАЛСКИ, СУРОВО, а денеска му посакуваат смрт на Тодоров! Истиот тој Тодоров кој помогнал при спасувањето на дел од пратениците при нападот во собранието!

Медиумите пак си тераат свои приказни. За дел од нив, главна вест е дека обидот за убиство бил со гасен пиштол, па Тодоров и не бил во толку голема опасност. Озбилно? Сака некој од тие новинари да му пукаат во глава со редизијниран гасен пиштол? Пошо нели, не е опасно!

Другите побрзаа да напишат дека напаѓачот бил дел од „шарената револуција“, намерно заборавајќи дека всушност се работи на дедото на Тамара. Шо е муабетот? Као сите „шарени“ се лоши и убијци? Тоа ли е намерата? Уште поделби?

Врв на се беше тврдењето на дел од медиумите, дека ВМРО ДПМНЕ неколку дена во собранието го користеле името на Тамара во политички цели, па сами го испровоцирале ова. Искрено, мислам дека е време да се направи нарко текст на некои од луѓево што за себе сметаат дека се новинари. Две години СДСМ и „шарените“ и левица и кој уште не го користеа трагичниот случај на Тамара во борбата против „режимот“, но ете сега ВМРО е крив!

Политичарите пак изреагираа според очекувањата. СИТЕ најостро го осудија обидот за убиство. Исто како што сите најостро го осудија упадот во собранито. Истите оние кои повикуваа на „револуција“, на улична правда. Оние кои го повикуваа народот да си ја брани или освои државата на улица, сега најостро осудуваат. Премиерот Заев во минативе неколку години, неколку пати кажа дека не ги признава иснтитуциите на системот. Заедно со „шарената револуција“ боеше зграда во Скопје без да одговара за тоа. Не се појавуваше на судски рочишта. Бараше правда и услови на улица, а денеска најостро го осудува обидот за атентат?!!! Па зарем не е истото? И овој човек денеска повеќе не им верува на институциите и реши да бара правда на улица. Само тој не сака власт, туку казна за оној за кој мисли дека е виновен за смртта на неговата внука. Целта е иста (улична правда), само средствата се различни. И ВМРО повикуваше народот да си го брани собранието, па ете ни се случи 27ми Април. Вечерта во 3 часот по полноќ претседателот на ДПМНЕ се обрати на јавноста и го осуди настанот! Најостро!!! Две години, СДСМ и разни невладини организации, од кои една го носеше името „ТодорOFF“, ја користеа трагедијата на семејството на Тамара, но денеска ја осудуваат реакцијата на нејзиниот дедо?!!!! Денеска тие не чувствуваат одговорност? Учи го народот дека само на улица може да се издејствува правда, па кога истиот тоа ќе го направи, огради се?!!! Осуди! Најостро! Кој пукаше денска по Тодоров? Дедото или вие?

Ужасен е чинот за обид за убиство врз поранешен министер, но уште поужасна сликата по него. Македонија поделена и желна за крв. Македонија со две вистини, а толку далеку од вистината. Денеска е пукано во човек, во родител, затоа што друг човек, родител и дедо, сакал да се одмазди за смртта на своето чедо. Убеден дека го знае виновникот, решил да остави две деца без татко. Обвинител, судија, порота и џелад, затоа што некој му кажа дека само така може до правда! Кога правдата е субјективна, жртва може да биде секој!

Сосема за крај, му се извинувам на семејството на Тамара, што во текстот морав да го спомнам името на малото ангелче кое прерано си замина. Жал ми е што уште еднаш, истото е поврзано со немил настан.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно