Фала ви момци за се што сторивте за Вардар, за Скопје, за ракометот, за Македонија

Никогаш не сакам да пишувам текст под силни емоции. Оставам некој ден да ми се избистри главата, но овај пат ќе треба да чекам долго за нешто такво. Искрено, сеуште не сум свесен дека Вардар е европски шампион. Дека момците на Гонзалес ја покорија Европа. Во 24 часа ги победија Барселона и ПСЖ. За прв пат!

Триесетина минути по победата над силниот ПСЖ седев и немо гледав во телевизорот. На неколку минути само тивко ќе промумљав „што се деси?“ и „дали е ова можно?“ ... Вечерта на плоштад славев во толпата, но и еве и сега сеуште не сум свесен што се случи.

Навивам за Вардар од кога знам за себе. Црвената и црната се дел од мене уште од „старта“ држава, кога во Скопје други бои (црвено-бела и црно-бела) беа најпосакувани. Ги памтам првите посериозни успеси на РК Вардар во мое време, кога со Маљцев, Каладзе, Котески, Брестовац.... клубот се наметна како нов лидер во македонскиот ракомет. Живеев за битките на Вујо со Червар за ракометно Скопје. Уживав во жарот на новото скопско дерби со Металург. Очекував дека влезот на капиталот на Самсоненко ќе го подигне Вардар на повисоко ниво и се случи. Болеше поразот од Флензбург при првиот обид за влез во фајналфорот. Следеа уште два. И оваа година конечно, Вардар меѓу најдобрите 4 во Европа! Одиграа момците против Барса, машки, тактички зрело и мудро. Одиграа совршено прво полувреме со ПСЖ, но она што се случи во вторите 30 минути беше шок. Тоа беше најдобриот ракомет што сум го гледал во животот, а го играше нашиот Вардар. Којзнае колку пати во текот на второто полувреме реков дека не ми се верува каков ракомет гледам. Ракомет над фајнал фор, над лига на шампиони, ракомет од друга планета. Храбро, дрско, машки, со срце, со душа за себе, за клубот, за Скопје, за Македонија!

Го изгледав мечот уште три пати од тогаш. Секогаш на крајот од снимката на семафорот стои 23-24 за Вардар, а впечатокот кај мене не се менува. И покрај соврешанат тактика, одличната физичка подготвеност и неспорниот квалитет, Вардар победи на мотивација. Трчаа и Барса и ПСЖ, се бореа и тие, но црвеноцрните изгинаа на терен. СИТЕ ДО ЕДЕН! Дадоа се што имаат и мал дел што го немаат. Го потврди денеска и Самсоненко ова во изјавата во која кажа: Знаев дека ќе победиме, бидејќи ги видов ракометарите со солзи во очите пред натпреварите.  

Дебитантите кои според кладилниците имаа најмали шанси да се качат на тронот, го донесоа трофејот дома. Пееја навивачки химни и гореа бакљи уште на аеродром. Се појавија пред преполн плоштад во Скопје и се заблагодарија. Плачеа, се шегуваа, се поклонија, војнички одпоздравија и сите до еден зборуваа Македонски. Порачаа дека ова е само почеток, дека следната сезона ќе бидат уште посилни, во обидот да се одбрани титулата. Сезона во која целта на секоја екипа ќе биде да се победи шампионот, а тој денеска е од Скопје! Истиот оној црно црн дрес што го носев како детенце, денеска е дресот што ја покори Европа. Како јас да ви се заблагодарам за ова? Војнички? Со поклонување? Колумна, текст?

Фала ви момци од мене, за се што сторивте за Вардар, за Скопје, за ракометот, за Македонија. Јас не можам да ви се оддолжам, но времето ќе го направи тоа. 4 Јуни – најголемиот ден во македонската спортска историја и победите над гигантите доооолго ќе се раскажуваат. Сега уживајте на врвот на Европа, кој ви купи доживотен влез во клубот на легендите.

Само на кратко за крај, за сите оние кои денеска место солзи и радост видоа камион пропаднат во фонтана, истите кои пред неколку дена место победа на Вардар видоа странци, Хрвати, Срби, Шпанци... оние кои го плукаа Лазаров затоа што „никогаш толку борбено не играл за Македонија“, за оние за кои овој успех и прославата се небитни, за оние кои Вардар е „парите на Сасоненко“... Дечки и да ви објаснам нема да сфатите, па еве на кратко. ВЕ ЖАЛАМ... не, лажам! ВИЕ СТЕ ЗА ЖАЛЕЊЕ, но јас не ве жалам. НЕБИТНИ СТЕ, колку и да сте бучни!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно