Факти и лаги за добрососедскиот договор со Бугарија

Цунамито од реакции за посетата на Заев и договорот со премиерот на Бугарија за добрососедски односи трае веќе три дена, но договорот сеуште се чува во тајност. Јавноста не знае што се опфаќа истиот и колку ќе биде корисен/штетен за двете страни. Сепак, од многуте изјави и фотографии има неколку факти за кои може да зборуваме.

1. Овој договор ќе ги подобри односите со Бугарија, која е членка на НАТО и ЕУ. Дали цената на добросеседските односи со соседот ќе биде превисока, сеуште не знаеме.

2. Заев се поклони на споменик на Цар Самоил на кој пишува дека тој бил Цар на Бугарија. Потег со кој веројатно требаше да се покаже спремност за компромис и договор, но исто така потег кој ја гази македонската историја.

3. Заев во Бугарија вети промена на учебниците по историја во Македонија и нагласи дека за истото има консензус во Македонија, за денеска од собраниската говорница да каже дека за истото ќе одлучуваат експерти и дека е возможно договор со Бугарија да нема. Не е прв пат премирот на Македоија да смени став и да биде контрадикторен во своите изјави во два дена. Ако има консензус (за кој само тој знае), значи дека веќе се консултирал со експерти. Но, во тој случај  од каде денеска изјавата дека експерти ќе решаваат и можно е договорот да пропадне? Сето ова многу потсетува на предизборната кампања во која Заев како претседател на СДСМ пред албанскиот електорат ветуваше едно, а пред македонските гласачи зборуваше сосема друго. Некои навики не умираат.

4. Премиерот денеска од собраниската говорница рече дека договорот ќе биде потпишан на три јазици. Англиски, Бугарски и Македонски, со што Бугарија го признава Македонскиот јазик. Лага! Официјален став на Бугарија е дека Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик. Тоа што договот ќе биде потпишан на Македонски (дијалект на Бугарскиот) не е никаков доказ дека Бугарија го признава. Доколку соседите имаат намера да ни го признаат јазикот, истото треба да биде запишано во документот кој сега се подготвува. Нема потреба од „фактичко“ признаваање на јазикот, кога истото може да се вметне во договорт и да се завери со потпис.

5. Заев зборуваше за заедничка историја со Бугарија, но не откри за кој дел од историјата на Македонија се однесува тоа и што точно подразбира заедничка. Тука премиерот не спомна експерти, што би значело дека самиот тој или собраниското мнозинство ќе решат каква била историјата?!

6. Без разлика колкави ќе бидат промените во нашата историја и во учебниците, овој договор ќе значи дека било кој политичар кој утре ќе дојде на власт ќе може да ја менува историјата на начин на кој него му одговара. Историјата по дефиниција е поим што означува сознанија за минатото, а не договор за добрососедски односи или слично.

7. Ниту една институција во Македонија не се произнесе за договорот со Бугарија. Можеби алиби е засега не целосно познатата содржина на договорот, но самата идеја за промена на историјата по идеја на премиер е неуставна, а Уставен суд повторни си молчи.

8. Премиерот на Бугарија ќе гостува во Крушево на Илинден кога се очекува договорт да биде потпишан. Бугарија не го слави Илинеднското востание, како што денеска изјави Заев, но ги слави Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански... Така што изјавата дека со самата посета на Борисов на Илинден, Бугарија ќе признае дека сме различен народ со сопствен идентитет на Заев, е повторно лага.

Новата влада, предводена од СДСМ денека во собранието избра заменици министри. Ова значи дека досега истата не беше (и сеуште не е) целосно функционална, но сведоци сме колку забрзано се обидува да ги подобри соседските односи со Бугарија и Грција. Веќе отворено се зборува за идеи за промена на уставното име на нашата држава, а само уште едно кафе меѓу Заев и Борисов сме далеку од добрососедскиот договор со Бугарија. Проблеми кои 25 години не беа ни блиску да се решат, оваа непотполна влада се обидува да ги реши за неполн месец! Не може а да не се постави прашањето, зошто толку се брза? И на кого тоа толку му се брза?

Добри односи со соседите е секако позитивен чекор за секоја држава, а посебно ако е мала и се наоѓа на Балканот. Сепак, ако цената е историјата, името, а со тоа и идентитетот, не станува збор за добрососедски односи, туку за самоубиство.

П.С. Интересна коинциденција е дека подобрувањето на односите со Бугарија и Грција е една од точките на „Албанската платформа/декларација“ која не влезе во владината програма. Или влезе?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно