Новата анкета на Брима: СДСМ во предност прд ВМРО, Заев попопуларен од Груевски

Најновиот политички барометар на Брима покажува дека по изборот на новата Влада во Македонија дошло до значајни поместувања на позициите на политичките партии во електоратот. Првпат по низа години, како што наведуваат од Брима, СДСМ води со 22,4 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ која ја поддржуваат 19,8 проценти избирачи.

 

- Иако ВМРО-ДПМНЕ во сегментот на етничките Македонци се уште има предност од 0,9 отсто во вкупниот електорат, вкупно СДСМ има предност од 2,6 зашто го поддржуваат 6,3 проценти од етничките Албанци и 29,4 отсто од другите етнички заедници, наведува Брима.

Кај вкупниот електорат ДУИ има поддршка од 7,3 отсто, а Беса и Движењето за реформи во ДПА по 4,3 проценти.

Во албанскиот политички кампус ДУИ и натаму ја задржува предноста со 26,6 отсто во однос на Беса која е поддржана од 15,8 проценти и Движењето за реформи во ДПА која ја поддржуваат 15,5 отсто етнички Албанци.

Од Брима нагласуваат дека во вкупниот електорат речиси секој петти граѓанин (17,7 отсто) е неопределен.

Според барометарот, дошло до промени и во рејтингот на политичарите. Граѓаните имаат најголема доверба во Зоран Заев со 17,7 отсто, a потоа во Никола Груевски 13 проценти, во алиа Ахмети 6,6, во Ѓорге Иванов 5,5 во Зијадин Села 4,4 и во Билал Касами 3,6 отсто. Кај македонскиот електорат Заев има поддршка од 20,9, а Груевски од 18 отсто.

Али Ахмети, пак, во албанскиот сегмент од електоратот има предност над Зијадин Села и Билал Касами. Во Ахмети како политичар најмногу доверба имаат 23,8 отсто етнички Албанци, во Села 15,9, а во Касами 13,9 проценти.

- Сепак, во вкупниот електорат најголем број се граѓаните кои немаат доверба во ниту еден политичар, 29,8 отсто, потенцират од Брима.

Истражувано е и во кого гласачите имаат најмалку доверба. На оваа листа, 27,6 отсто анкетирани граѓaни рекле дека најмалку доверба имаат во Никола Груевски, а веднаш зад него е Зоран Заев со 18,7 отсто. Во сегментот од електоратот што го сочинуваат етничките Македонци, Заев и Груевски се изедначени со по 26,1 отсто. Груевски е негативно оценет од страна на 25,6 отсто етнички Албанци наспроти 0,3 отсто негативни гласови за Заев.

Брима го спроведе теренското истражување од 2 до 12 јуни годинава. Со него беа опфатени 1.193 граѓани постари од 18 години. Примерокот на истражувањето е национално репрезентативен и ја претставува популацијата по пол, возраст, етничка припадност, место на живеење (село - град) и осумте региони во Република Македонија. Интервјуата се реализирани лице в лице во домот на испитаникот, со примена на TAPI (Tablet Assisted Personal Interviewing) метод. Маргиналната грешка изнесува +/- 2,84 отсто на ниво на доверба од 95 проценти

Коментари

Популарно