„Станав бездомник затоа што сум геј“

Во Македонија се отвори првата „Сигурна куќа“ каде ЛГБТИ лицата кои имаат проблеми со домувањето или се жртви на насилство можат да престојуваат. Еден од жителите говори за малтретирањето и проблемите низ кои минувал.

„Проблемите започнаа откако починаа моите родители и останав сам со мојот брат. Моите не знаеја дека сум геј и криев со години, но мојот брат започна да ме малтретира, особено откако ќе се испијани“. Вака ја започнува својата приказна еден од новите станари на „Сигурната куќа“ која неодамна се отвори во Скопје на тајна локација, каде може да се пријават за сместување сите ЛГБТИ лица кои се жртви на семејно насилство или имаат проблеми со домувањето.

Тој заради неговата безбедност не сака да го открие својот идентитет и единствено анонимно прифати да поразговара со нас за тоа како стигнал во овој шелтер центар.

„Имав големи семејни проблеми и на социјалните мрежи прочитав за безбедната куќа и се јавив да побарам помош. Оттаму веднаш ме контактираа. Јас сум активно геј од 1992 година и цело време се криев од моите се до 2013 година. Потоа моите родители починаа и оттогаш почна агонијата со мојот брат. Секогаш кога ќе се напие алкохол мојот брат почнува да ме малтретира. Јас сум од Битола и немам поддршка од никој за мојата сексуална определба. На таа тема никогаш не разговарав со никој од семејството“, раскажува корисникот на центарот.

Во моментот вели дека бара работа, но и во тој дел има проблеми бидејќи тешко му оди. Поради тоа што немал каде да оди и станал бездомник, на крајот завршил во сигурната куќа.

„Во Македонија многу е тешко за луѓето кои јавно ќе кажат дека се геј, институциите не преземаат никакви мерки за оваа категорија на луѓе, ниту пак има начини да се дојде до помош. Потребен е згрижувачки центар каде што секој ЛГБТИ човек доколку има било каков проблем би можел да биде згрижен, бидејќи постојат многу проблеми за луѓето кои се дел од оваа заедница“, вели тој.

Помош за најзагрозените ЛГБТИ лица

По побараните донации во центарот му обезбедиле облека и обувки. Стручниот тим кој што се состои од социјални работници и психолог, работи на подобрување на неговите вештини за полесно вклучување во работен процес, подобрување на комуникациски вештини како и негово подобро социјализирање. Од ЛГБТИ центарот за подршка велат дека во моментот корисникот е во процес на барање на работа. Планирано е да остане 3 до 6 месеци, во зависност од неговиот напредок, како би можел финансиски да зајакне и да може да продолжи со живот надвор од шелтерот во изнајмено живеалиште.

„И при барањето на живеалиште ќе му биде помогнато, како и доколку му треба и одредена помош и по напуштањето на шелтерот. Исто така, се набљудува и му се помага во подобрувањето на неговата општа здравствена состојба во соработка со медицински лица. Во зависност од процесот на наоѓање работа, доколку е потребно ќе му биде понудена одредена доквалификација или изучување на нешто ново како би можел полесно да се снајде и реинтегрира. Сето ова ќе се прави во соработка со државни институции и невладини организации чии сервиси можеме да ги понудиме на корисниците“, вели Елена Петровска од ЛГБТИ Центарот за поддршка под чија капа функционира „безбедната куќа".

Таа додава дека шелтер центарот е отворен со цел да ги заштити најранливите и маргинализираните преживувачи на насилство, кои само заради својата различна сексуална ориентација живеат недостоинствено, трпат физичко и секаков друг вид на насилство. „Високото ниво на хомофобија, неказнивоста на ваквите дела придонесе оваа група на граѓани да живее целосно стигматизирано, без можности за социјализација, во страв и со тежок пристап до пазарот на трудот“, додава Петровска.

Сигурен простор за заштита од насилство

Сигурната куќа претставува безбеден простор каде корисниците ќе бидат заштитени од секаков вид на насилство. Таа ќе работи 24 часа на ден и има капацитет за седум корисници. За корисниците обезбедува сместување, храна, медикаменти, правни услуги, услуги од психолог и социјален работник.

Иако деновиве во земјата се случи придвижување во насока на препознавање на ЛГБТИ заедницата и проблемите со кои таа се соочува, откако министерот за култура, Роберт Алаѓозовски стана прв функционер кој го отвори „Скопје прајд викендот", настан посветен на ЛГБТИ лицата, сепак активистите велат дека состојбата во моментот е лоша и претстои многу работа за менување на актуелното статус- кво. Насилството или дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родот се секојдневие за многу лица од оваа заедница што живеат во земјата.

„Ситуацијата со правата и слободите на ЛГБТИ луѓето е катастрофална, посебно во помалите градови низ Републиката. Тоа го говори и последниот извештај на Меѓународната асоцијација за ЛГБТИ лицата за правата на оваа заедница каде Македонија се најде на 41 место во Европа од вкупно 49 земји. Сигурната куќа е отворена со цел да им се помогне на жртвите во момент на акутно насилство, да излезат од кругот на насилство кој можеби им се случува подолго време, во моменти кога немаат ништо и никого, немаат каде да престојуваат заради тоа што трпат семејно насилство, се напуштени од домот, или трпат економско и психичко насилство. Крајната цел е овие лица да се оснажат, да се реинтегрираат и да ги уживаат сите права и слободи кои се загарантирани за сите граѓани со Уставот и законите“, вели Петровска.

Барањето за сместување во куќата може да се направи со вртење на бесплатната линија за помош 0800 66 66 6 или преку пополнување на апликацијата на веб страната на ЛГБТИ центарот за поддршка.

Коментари

Популарно