Боки13: Родител или шоумен желен за слава?

Осми Јули 2017 година, Бојан Јовановски од говорницата на Меѓународниот сојуз објави дека сака да посвои три дечиња. Муслиманче, Христијанче и дете со пречки во развојот. Се почна така...

Боки 13, некогаш шоумен, водител, пејач, учесник во реалното шоу „Големиот брат“, денеска претседател на Меѓународниот сојуз. Живот полн со контроверзи, фанови, но и многу хејтери. И овој негов потег помина исто. Обожуван од едните, мразен, навредуван, исмејуван од другите...

337 коментари собра статусот на Боки13 на неговиот Фејсбук профил, преку кој објави дека сака да посвои три дечиња. Над 6.000 лајка, но и многу критики и навреди. Демократија, нели? Најчесто поставувано прашање беше како тоа ќе се определи кое дете која вероисповед е, па Бојан го промени статусот. Место религија, сега стои националност. Хмммм

Коментарите продолжија, Бојан дури и гостуваше на ТВ за синоќа да се откаже од идејата за посвојување дечиња, барем засега, но да понуди помош за некое семејство што сака да посвои дете/деца.

„Поконкретно, лично сум подготвен на таквото семејство кое ќе изврши посвојување да му ги покривам сите финансиски трошоци поврзани со одгледување, прехранување, школување и сите други трошоци кои би произлелге од одгледувањето 

на детето или децата, од моментот на посвојувањето се до навршувањето на полнолетство.

По навршувањето на 18 години на посвеото дете или деца, заеднички со нив сум подготвен и се обврзувам да партиципирам со подмирување на трошоци за универзитетско образование или обезбедување на вработување, зависно од преференците на детето или децата. “

И повторно истата реакција. Оние кои го сакаат, го поздравија овој потег. Оние кои не го сакаат, му се ситат и дополнително го критикуваат.

Реалноста е дека Боки 13 им помогна на многу луѓе кои беа на работ во последниве неколку години. Исто како што е реалност, дека беше критикуван дека истото го прави за своја промоција, односно реклама. И овој пат неговиот потег, желба, изјава, наликуваат на такво нешто. Оние кои го знаат Боки13 и го сакаат ќе речат дека тој е голем човек и дека би бил одличен (ќе биде одличен) родител, намерно превидувајќи го фактот дека Боки13 „најважната своја животна одлука“ ја осмисли многу лошо. Ако ова навистина беше неговата најголема животна одлука, како што сам изјави, како тоа најпрво посака дечиња од различна вероисповед, за потоа кога му беше сугерирано дека децата немаат религија, да го промени статусот и желбата за дечиња со различна националност?! Зарем вака се носи најважната животна одлука на човек кој сака да посвои не едно туку три дечиња? Ова ли е карактеристика на иден одличен родител? Освен тоа, обидот да се прикаже како либерален лик, со тоа што ќе посвои дечиња од различна вера или нација, го прави дискриминатор. Тој со таа изјави самиот ги подели дечињата по нација, вера, па дури и по ментален развој! Замислете да влезете во дом во Америка и да побарате да посвоите дете, ама да мора да биде белец. Или црнец, христијанин, протестант, будист, муслиман, Кинез.... Кога ги делите дечињата по било кој основ, вие сте дискриминатор.

Во општество кое е исполнето со стереотипи, а ова Боки13 треба најдобро да го знае, ваквата негова изјава, негов потег е апсолутно за осудување. Колку и да е фин како човек. На колку луѓе и да им погнал. Човекот кој цел живот се бори за прифаќање на индивидуалните разлики кај секого, при носењето на најважната животна одлука се посрами. Затоа и ја повлече.

Би сакал да верувам дека сето ова не беше маркетинг, не беше реклама. Исто како што сакам да верувам дека сите оние луѓе на кои им помогна, не беа само пиони во неговата игра. Сакам да им верувам на сите оние кои го фалат дека Бојан е голем човек со големо срце, а не личност зависна од внимание, од слава. Овој потег не ме убеди во тоа и затоа сум среќен што го повлече. Понуди помош (иако пак јавно) до семејствата кои сакаат да посвојат дете. Можеби тоа е и најпозитивниот можен крај на оваа приказна, бидејќи е очигледно дека Боки13 засега  не е спремен да биде родител. 

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно