(ВИДЕО) СПЦ и годинава не дозволува честување на „Илинден“ во „Прохор Пчињски“

Српската православна црква и годинава нема да дозволи официјалната делегација на Македонија овој пат предводена од премиерот Зоран Заев да го посети манастирот „Прохор Пчињски“ по повод одбележувањето на Илинден, пишува српскиот весник „Ало“, цитирајќи извор од СПЦ. 

Патријархот Иринеј е категорично против. Се додека не се поправи статусот на СПЦ и нејзините свештеници во Македонија нема разговори за можноста да се дозволи која било делегација од Скопје да посети манастир во Србија и таму да ги одбележува Илинденското востание и Денот на државноста на Македонија, велат од СПЦ. Шефот на српската дипломатија Дачиќ пак за весникот вели дека секоја година српското министерство барањето од Македонија го проследува до СПЦ, но дека и тие не добивале одговор. Од владата велат дека нема да го коментираат ставот на СПЦ додека не добијат официјален одговор од Белград

„Владата преку МНР има испратено официјално барање до српското МНР за одбележување на АСНОМ во манастирот Прогор Пчински. Го очекуваме официјалниот одговор од МНР на Р. Србија.“ - велат од Владата.

Телевизија 24 не успеа да стапи во контакт со СПЦ за да чуеме официјален став за посетата на манастирот. Од МПЦ велат дека тие не се вклучени во одбележувањето и дека тоа го води владата. Познавачите на меѓуцрковните односи објаснуваат дека не се изненадени од ставот на СПЦ но и дека тој не треба да вознемирува Македонија.

„Ова одбивање покажува дека СПЦ останува на своите цврсти ставови кога е во прашање МПЦ. Македонија досега даде позитивни сигнали, го ослободи Вранишковски, судскиот процес против него е затворен, ги подари моштите на Свети Јован Владимир на црквата во Бар и сегашниот притисок е од Србија.“ - вели Бранко Ѓоргевски, новинар.

Премиерот Заев пак од Сараево вчера порача дека Македонија се надева дека ќе добие одобрување за чевствување на АСНОМ во манастирот, но и доколку тоа не се случи нема да се влошат меѓудржавните односи со Србија.


Коментари

Популарно