ВИДЕО: Марија од Струга е втора најубава глува девојка во светот

На само 20 години, Марија Пупоска од Струга е прогласена за најубавата глува девојка во Македонија и втора најубава во светото. Со тоа докажува дека и покрај препреките, со голема мотивација и желба  соништата можат да се остварат. Tаа вели својот веќе го остварила. На изборот за мис во Чешка на 15 јули, во конкуренција од 24 девојки од светот, круната и признанието за убавина дошло во нејзини раце. Но, освен убавината младата Пупоска покажала и танц, успешен настап на сцена, талент, но и професионално манекенско држење.

„ Вежбав, се трудев да изгледам убаво на натпреварот Имав малку трема на финалниот настап, но кога излеговме на сцена тремата исчезна и се движев на високите штикли како и секогаш. Од 24 претставнички не очекував дека ќе бидам втора“, изјави Марија Пупоска.

Марија потекнува од глувонемо семејство, најголемата морална и финансиска поддршка ја добива од родителите. Вели на почетокот било тешко, но сега добро се снаоѓа во секојдневниот живот. Иако трошоците за учество на натпреварот паднале на нејзин грб бидејќи не можела да најде спонзори, на крај успеала вистински да заблеска на сцената. Доказ за тоа е круната која иако неочекувана и донела посебен  поттик за уште поголеми достигнувања. Успехот донел поттик и кај останатите членови во здружението за глуви лица да стекнат самодоверба и да вложуваат во својата иднина.

„Сакам глувите и луѓето што слушаат да бидеме на исто рамниште“, изјави Марија Пупоска.

Пупоска во Чешка била придржувана од своето момче Марјан кој е пак мистер на Македонија. И Тој е глувонем но успешен и многу горд како на себе така и на својата девојка. Сепак смета дека за уште поголеми успеси треба да добијат подобри услови за живот во земјава.

„Сакам да има повеќе толкувачи кои ќе не придружуваат и да бидеме на повеќе настани. Инаку, животот за глувите во Македонија е убав“, изјави Марјан Стевоски.

Марија најавува уште многу награди за во иднина, оваа круна за неа е одговорност  и старт за добра кариера. Вели, ќе докажам дека сме еднакво квалитетни како и останатите, можеме да успееме секаде ако имаме волја и самодверба сами да си го креираме нашето подобро утре.

Коментари

Популарно