Ќе поскапува струјата – Владата ќе го либерализира пазарот

Струјата ќе поскапува. Владата одлучи да ја турка либерализацијата на пазарот. Експертите се децидни – ова дефинитивно ќе предизвика раст на цените кои сега се регулирани.

Либерализацијата на пазарот на струја за домаќинствата неминовно ќе ја поскапе струјата за граѓаните. Излезот на слободниот пазар ќе предизвика зголемување на цената поради набавката на електричната енергија од увоз – велат енергетичарите. Според нив, домашната струја е поевтина од обновливи извори, но не и онаа што ја произведуваат термоелектраните. Сепак, домашното производство е недоволно, па Македонија со години мора 30% од потребите да ги задоволува од увоз. И покрај тоа што Владата не одлучува за цената на струјата, со оваа одлука индиректно влијае врз неа.

Владата на последната седница одлучи Законот за енергетика кој ја опфаќа оваа област да биде еден од приоритетните, кои што поскоро треба да се усвојат во Собранието. Се очекува тој да влезе во процедура веќе во ноември. Иако претходната Влада ја одложи либерализацијата за домаќинствата од 2015-та за 2020-та бидејќи тврдеше дека тоа ќе ја поскапи струјата за 20%, новата влада реагира дека обврските мора да се преземат и дека поради пролонгирањето Македонија веќе била опомената од Енергетската Заедница.

„Станува збор за реформски закон што ќе биде усогласен со обврските што се преземени од Енергетската Заедница за имплементација на Третиот пакет сет директиви и регулативи на ЕУ. Новиот закон ќе содржи европски правила и реформи со кои Македонија ќе фати чекор со регионот и реформските процеси што доцнат со години“ - велат од Владата.

За аналитичарите и воведувањето на евтината тарифа на струјата е популистичка мерка. Иако сите се израдуваа, сепак тоа ќе ги зголеми трошоците во буџетот, односно индиректно ќе падне врз грбот на граѓаните. Аналитичарите препорачуваат наместо евтина тарифа, да се продолжи одреден период проектот за субвенционирање на сметките за струја на социјално загрозените жители.

Инаку Регулаторната комисија за енергетика во последните две години минимално ја намалуваше цената на струјата за 0.25%. Од либерализацијата на пазарот најголем ќар ќе имаат трговците со електрична енергија. Симптоматично е што оваа одлука се носи само два и пол месеци од формирањето на новата влада, во која Вицепремиер е човекот чија фирма се занимава токму со оваа дејност.

Коментари

Популарно