(ВИДЕО) Бени одлучи да не се курчи веќе

„Немој да се курчиш“ е новата песна на Бени „Нон стоп. Видеото што вчера го промовира на каналот „Јутјуб“ е снимано во една работилница за заварување кај чичко Кадри во Ресен. Спотот го режира Чедо Поповски.

Насловот на песната, а и самата нејзина поента, е со посебна приказна.

„Со оглед на ситуацијата во која живееме мораше да излезе оваа песна. Знаеш, сите нешто се замислуваат, а гладни и боси се до бога. Ете затоа и морав да ја направам оваа песна зашто сите на крајот нѐ чека по два кубика земја“, вели Бени Шаќири. Тој во разговорот ни откри дека отсекогаш застапувал теза дека никој не е вечен. Вели дека се надева оти сето тоа успеал да преточи во песна. „Дали успеав или не, ќе покаже времето. Кај нас владее една манија дека сѐ што ќе излезе мора да е хит. Е, па, не мора да е така“, искрен е Бени.

Тој е 17 години на музичката сцена. Вели дека треба да си доволно луд да опстанеш овде како музичар, но сепак на крајот од денот вели дека верува во она што го работи.

Сѐ погласен беше на улиците со „Нема правда, нема мир“. Дел од шарената револуција, каде што гласно го искажуваше своето незадоволство од претходната власт. Во еден свој статус на социјалните мрежи во пресрет на Суперкупот вели: Овие што утре ќе играат заедно немаат толку заработено колку што нашиве искрадоа“.

„Додека го следев фудбалот, некаде слушнав дека во моментот 6 милијарди евра се на теренот. Си велам, ова е гола вода во споредба со тоа колку пари се украдени. И ова може на прва звучи смешно, но навистина е многу тажно“, вели Бени. И додава, замисли да не беа украдени тие пари и да останеа тука, ќе бевме пристојно европско општество“. Таткото на двете деца, Мик и Бен, вели дека сѐ што прави, прави за нив. Дека никогаш нема да ги тера да го работат она што не го сакаат и дека тие се центарот не неговиот свет. За октомври најавува нова песна, а вели дека во план е и цеде на кое ќе бидат сите негови теми.

Александра Георгиев

Коментари

Популарно