Затоа не можат да купат никого: Барса „лапна“ 222 милиони од Нејмар, а се „стискаат“ за клаузулата на Сери

Барселона е „полна како брод“ кога станува збор за трансфер буџетот, или барем таков е впечатокот. Каталонците сакаат да го купат Жан Мишел Сери од Ница, подготвени се да одвојат 40 милиони евра колку што изнесува неговата откупна клаузула, но бараат сумата да биде платена на две рати!

Барселона пред две недели доби чек од 222 милиони евра со кој Нејмар си го откупи договорот и сите очекуваа тие веднаш да тргнат во шопинг и да се доведат адекватни замени со кои ќе се засили тимот. Освен што покажаа дека не биле подготвени за заминувањето на Нејмар, управата на Барса покажа дека е скржава и неспособна.

Клубот од „Камп Ноу“ се мачи да донесе соодветни засилувања, Ливерпул не сака да слушне за продажба на Филипе Кутињо, а и Борусија Дортмунд зема цврст став за Осман Дембеле. Првично се сметаше дека Барселона е жртвата, односно дека сите клубови сега се свесни за богатството на Барселона и намерно сакаат да ја подигнат цената, но изгледа дека реалноста е поинаква.

Жан Мишел Сери се споменуваше срамежливо во текот на преодниот рок и беше во сенка на Кутињо и Дембеле кои разбирливо се мети број еден за каталонскиот клуб и најпрво се чекаше нивно доаѓање. Сепак, се чини дека Барса во моментов се најблиску до фудбалерот на Ница, во кого гледаат замена за Чави, играч каков што мака мачат да пронајдат во последните три години. Дури и самиот Чави го препорача репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска како негов заменик, а и навивачите не би имале ништо против тој да дојде во нивниот клуб, иако станува збор за релативно непознат фудбалер, за разлика од она што сме навикнати да го гледаме во Барселона.

Тие се подготвени да одвојат 40 милиони евра колку што изнесува неговата откупна клаузула, но загрижува фактот што Барса сака оваа сума да ја плати на две рати. Многумина се чудат како Барса со толку голем приход и еден од најголемите буџети во светот на фудбалот, како и парите од продажбата на Нејмар не може да даде 40 милиони евра.

Веројатно Барселона се обидува да спречи расфрлање со парите одеднаш, но времето за Барселона одминува и остануваат уште 10 дена до крајот на преодниот рок, а првенството е веќе започнато. Што побрзо биде комплетирана екипата, толку побрзо ќе има шанса да се адаптира.

Интересно, медиумите од Островот минатата недела објавија детали од понудата за Филипе Кутињо, а и таму исплатата беше проблем, па јасно е зошто Ливерпул не сака да го продаде Бразилецот.

Имено, и покрај тоа што понудата гласи цели 125 милиони евра, Барса сака да исплати фиксен дел од 90 милиони евра на пет рати, како и бонуси кои се речиси неисполнителни, односно Кутињо да освои „Златна топка“ и два трофеи во сезоната како што гласи една од премиите.

Ако продолжи со овој став, Барселона новата сезона би можела да ја започне со Паулињо како свое најголемо и најзвучно засилување.

Коментари

Популарно