Да ги дувнеме ги свеќичките и да замислиме желба

Доколку постојат паралелни универзуми, веројатно во некои од нив, токму сега јас пишувам текст за 26 години самостојна и независна Македонија. Иако, шансите од наша перспектива се мали, можно е во некој од паралелните патеки да сум среќен додека пишувам за нашата држава. Можно е да пишувам за хармонија, просперитет, за општествени вредности, постигнати успеси во минатото и светлата иднина. „Македонија – татковината на мирот, соживотот и просперитетот“ е првиот наслов што и денеска би сакал да го напиша, но....

Паралелните универзуми се теорија на квантната механика, и можно е да ги има од 2 до бесконечно многу. Можеби нема, само овој е, а можеби се милиони и во секој од нив, освен во нашиов, Македонија е земја од бајките, никој не знае. Она што е сигурно е дека во овој, нашиов универзум, во нашата реалност бајките одамна завршија. Сега се само четива кои ни ги раскажуваат пред избори, оние кои Македонија ја претворија во земја за подсмев.

Демократијата е концепт при кој во теорија владее мнозинството со свои преставници кои треба да ја водат државата во правец во кој бара мнозинскиот дел од населението. Во пракса, демократијата е систем во кој 10 политичари прават што сакаат додека го лажат народот дека се многу фини момци и дека без нив ситуацијата би била мноооогу полоша. Ова не важи само за Македонија, но денеска на неа и е роденден, па затоа ќе се фокусирам само на нашите „демократски лидери“.

26 години на власт во Македонија имаме 2 македонски политички партии и неколку албански. Две опции на секои избори, а јас не се сеќавам кога последен пат сум застанал зад параванот со пенкало во рака. Опција е чуден збор. Се употребува и кога избор реално не постои. 26 години се употребува и како фраза „единствена опција“. Ако е единствена, не е опција, не е избор. „Единствен“ и „избор“ се контрадикторни зборови, но на македонските политичари тоа не им пречи, па од 91ва до денес слушаме како Нато и ЕУ ни се единствен избор!

- Добар ден, ме интересира дали имате фармерки?

- Да, секако. Повелете изберете.

- Но, тука има само еден пар?!

- Да, да. Слободно изберете!

Од прилика толку глупо звучи таа фраза, но ја слушаме 26 години. Исто како што 26 години слушаме дека Македонија има многу надворешни непријатели, кои сакаат да ја снема или да функционира на начин кој му одговара на непријателот. Затоа си сменивме име (привремено), знаме, се откажавме од малцинство во соседните држави, прифативме Рамковен договор (иако, во него има и позитивни работи), сменивме територијална организација, помилувавме терористи и воени злосторници, потпишавме дека сме (речиси) Бугари, прифативме и имплементираме Албанска платформа/декларација, носиме неуставен закон за употреба на јазици... итн итн. За се е крив лошиот непријател од надвор. Барем за оние кои биле на власт кога сето тоа е прифатено. Не можело поинаку, затоа што во спротивно независна и самостојна Македонија ќе ја снемало. Затоа ние ги слушаме овие (лошиве) од надвор. За да бидеме независни и самостални!!!

26 години Македонија е најнапатената и најомразената држава. По 500 и кусур години турско ропство, па Балкански војни и поделба на Македонија, 45 години сојузна република во СФРЈ, конечно самостални, но многу не мразат! Тоа би била приказната на нашиве лидери, кои ние некако си ги гласаме. Ок, не јас, ама ете ние. Не е дека политичарите ни се лоши или неспособни, туку ете толку се може. Тек да не беа они... Другите држави не се соочуваат со вакви проблеми, пошо никој не ги мрази. На пример ниту една држава од поранешниот СССР нема проблем со Русија денеска. Русија воопшто не се обидува да го задржи своето влијание во нив. Или Шведска и Финска, не се мразат воопшто, пошо Шведска 3 века ја имало окупирано Финска! Ма неее, сега се во љубов. Србија и Хрватска. ЕУ и САД само во Македонија терааат свои политики и визии. Во секоја друга држава нудат само помош, а за возврат не бараат влијание во водењето на политиката на таа држава. Ма не ова ни во паралелен универзум го нема. СИГУРНО!

Секоја држава на светов, се обидува во рамките на својата моќ да влијае на геополитичкиот систем во светот. Ова е прва лекција, ма не е ни лекција, вовед можда, во меѓународна политика. Што е тука ново? Ако Македонија за 26 години успееше да се изгради како вистинска држава, со општествен, економски, правен... ситем, и со тоа успееше на маѓународен план да додјде до влијание, зерем мислите дека сеуште ќе преговаравме со Грција за името? Ако ние имаме моќ да ја натераме Србија да ја признае афтокефалноста на Македонската православна црква, зарем уште ќе имавме спор? Ако влезевме во ЕУ и Нато пред 20 години, зарем мислите дека ќе го потпишевме договорот со Бугарија? Веројатно во таков случај Грција, Бугарија и Србија ќе кукаа од лошите непријатели од надвор и како тоа светот ги мрази, но тоа е приказна од некој паралелен универзум. Во нашиов, Македонија е напатената. Македонските политичари жртвите, а народот е секогаш крив т.е. во право и кога греши, па на ВМРО ДПМНЕ не му даде 63 пратеници за да не брани од лошите.

Тоа што ниту една институција во Македонија не функционира, тоа што секаде владее корупција и непотизам, што имаме твитерџии за совеници, што со години ни се распаѓа образованието... тоа не е вина на лидерите во Македонија. Немаат време луѓето. На браникот се! Нонстоп!

За роденден се дуваат свеќи и се замислува желба. Не знам како оди тоа со државите, но доколку Македонија има право на една, би сакал да ја посакам место неа. Не, нема да посакам потоп на Грција, пад на САД од лидерската позиција во светот, смена на власта во Македонија, пораз на Путин на следни избори.... Не. Нема да посакам нити економски развој, хармонија и проспиритет во Македонија, затоа што за исполнување на овие желби не се сонува, туку се работи. Посакувам одговорност од сите минати, сегашни и идни политичари!  Сега и тука! Денес! Или барем утре, во скоро. Доста е момци! Баталете. Сериозно! Не ве бива. 

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно