(ВИДЕО) Марио Арангеловски го освојува бугарскиот „Х фактор“

После повеќе учества на домашни и регионални музички натпревари, Марио Арангеловски одлучи да си ја проба среќата и на бугарскиот „Х фактор“, а судејќи по неговата аудиција, одлуката му била вистински погодок. Имено, следејќи ги стапките на негови колеги што се прославиле со слични подвизи кај нашиот источен сосед, 22-годишниот кумановец уште еднаш докажа дека Македонците се најсилната конкуренција од целиот регион.

Неговата аудиција е една од првите што се емитуваа во неодамна започнатата 5. сезона од натпреварот, каде што во улога на судии и ментори се хип-хоп ѕвездата Криско, музичарите Љубо Киров и Велизар Соколов – Заки, како и продуцентката и директорка на „Вирџинија рекордс“, Станислава Армутлиева. Секој од нив имаше само пофални зборови за шармантниот пејач, кој се претстави со хитот „Here Without You“ на „Три дорс даун“,  предвидувајќи му голем успех и сместувајќи го меѓу фаворитите за годинава, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение.

Инаку, Марио претходно си ја проба среќата на „Пинковите ѕвезди“ и „Ѕвездите на Гранд“, како и на нашите „Потрага по М2 ѕвезда“ и „Сите наши песни“, а зад себе има и повеќе учества на фестивали и неколку синглови, меѓу кои и актуелниот „Чекаме да помине“, кој го сними во соработка со Роберт Билбилов. Му посакуваме многу среќа на бугарскиот „Х фактор“ и навиваме за победа!

Коментари

Популарно