Млад скопјанец плати 300.000 евра за трансплатација на срце

Според д-р Жан Митрев, сопственик на специјалната болница "Филип Втори", во земјава има други пациенти кои одат во странство за трансплантација, а може да се направи во "Филип Втори" доколку се отстрани административната забрана која не им овозможува да се реализира оваа интервенција во нивната болница. Митрев уште пред 20 години направил трансплантација на срце во болница во Германија

Едно 19-годишно момче деновиве замина во странство за да му се направи итна трансплантација на срце. За да му се спаси животот државата за оваа интервенција ќе одвои од 250.000 до 300.000 евра. Но ова момче не е изолиран случај во земјава, вакви проблеми имаат многу пациенти во земјава, од мали деца до постари лица.

Според д-р Жан Митрев, сопственик на специјалната болница "Филип Втори:, во земјава има и други пациенти кои одат во странство за трансплантација на разни органи и лекување. Тој појаснува дека кај младите луѓе може да се случи многу лесно да настанат компликации кај срцето, дури и од една обична настинка и да дојде до тежок миокардит, воспаление на мускулот на срцето и еден млад човек што бил здрав во рок од неколку дена да стане многу тешко болен и да му биде неопходна итна транплантација.

-Сите овие операции, ако нема административни пречки, можат да се реализираат во нашата болница. Ние сме опремени со вештачко срце и помагаме на пациенти што се во многу тешка ситуација. Тие може со денови, па и месеци на бидат поставени на оваа машина за да можат да дочекаат органот да им се трансплантира - вели д-р Митрев, кој деновиве одбележува 20 години од неговата прва трансплантација на срце што ја направил во Германија на 36-годишна возраст и до сега извршил 15.000 операции на срце.

Тој посочи дека заедно со неговиот тим можат да направам трансплантацијата и во Македонија, но за жал денес постојат се уште административни пречки и не може тоа да се реализира, за што државата троши многу пари и пациентите заминуваат во странство.

-Не можеме долго време да добиеме дозвола за трансплантација на органи и ткива, а тоа е решение на многу пациенти од Македонија и регионот кои се соочуваат со многу сериозен животен проблем. Моја желба е да правам трансплантација во Македонија како што тоа го направив пред 20 години во Германија - нагласи д-р Митрев.

Тој појасни дека слична операција е направена во нивната болница и кај наши пациенти, но се работи за замена, односно реконструкција на самото срце на пациентот кое во меѓувреме е лекувано, а пациентот бил ставен на вештачко срце. Процедурата е иста, само што му се враќа неговото срце, а не од донор.

Трансплантација од жив донор нема, а досега се направени три вакви операции кога сопственото срце е трансплантирано.

-На еден наш вработен срцето на неговата мајка беше трансплантирано со автотрансплантација. Во 2000-та година кога го потпишавме првиот договор со Фондот ни беше дозволено трансплантација на срце и бели дробови, но за да се почне со тоа ни требаше да се добие дозвола и од Министерството за здравство. Не добивме дозвола бидејќи ни рекоа дека нема соодветна регулатива - објасни Митрев и дополни дека се работи за дозвола што ќе им овозможи тоа да го прават успешно и во Македонија.

-За овие 17 години, колку што сме тука, се уште не е донесена таква регулатива - вели Митрев и укажува дека етичките, религиозните и културолошките фактори влијаат на тоа и затоа не е лесно да се организира, оти е потребна поддршка од повеќе страни.

Уште пред 20 години во Македонија се вршеше транплантација на бубрези и тоа одлично функционираше.

-Модерните времиња дозволуваат да не се чека на трансплантација на црн дроб од донор, се почесто се прави од жив донор од компатибилен донор, односно да се земе дел од јетрата, бидејќи овој орган може да се регенерира и зголемува и потоа да се пресади на пациент - вели Митрев и дополнува дека во земјава се почесто има потреба и од трансплатација на бубрези.

Коментари

Популарно