Зоран Заев има двојник?!

Иако не сум љубител на филмскиот жарн „научна фантастика“, имам изгледано барем 20тина такви филмови. Се сеќавам дека некои од нив беа блокбастери во деведесетите. Рушеа рекорди по гледаност и профит. 21 век во дел од нив беше преставен како утопија, а човештвото живееше во потполна хармонија.  Е ама изгледа негде свртевме на погрешна кривина...

21 век, 2017 година, светот технолошки се издигна на ниво на кое речиси сите сме поврзани, но... 21 век, а ние во „утопична“ Македонија 3 дена се „расправаме“ дали Заев се сретна со Трамп или не. Не, не зборувам тука за вчерашната средба, на официјалниот прием, од која има и фотографија со сопругите на премиерот на Р. Македонија и претседателот на САД. Зборувам за онаа фотка чкрапната од, во тој момент пресреќниот министер за надворешни работи на Макеоднија, Димитров. Министер за надворешни работи, оној кој треба да се бори за нашите интереси и стратегијата на Македонија надвор од неа, оној кој е платен за тоа, тој со телефон во рака чека Трамп да се поздрави со Заев, за да не излаже дека имало средба?! И не само „средба“ туку и порака од Заев до Трамп за подршка, бла бла бла... Барем така пишува на официјалната страна на ФБ на премиерот на Македонија, но и на официјалната страна на Влада на Р.М.!!!

Откако следниот ден беше објавено видеото од салата, на кое се гледа дека поздавувањето траеле 1,2 секунди, и дека во толку кратко време Заев немал шанса да ги изговори тие зборови (ни на струмички дијалект, а камо ли со неговиот раскошен англиски), владата искочи со некакво си соопштение дека средба немало, ама имало .... Абе утопија!

И таман некако го преживеавме ова, се јавија подржувачите на името и делото на Зоран Заев и рекоа дека не бил тој виновен, туку оние кои му го работат Фејсбук профилот! Премиерот не бил ни свесен дека така го изработила на ФБ! А во Влада тие што објавија? Или истите се? Веројатно тие се истите што му рекоа да каже/излаже дека се сретнал со првиот човек на Мосат, на камера на ТВ Телма, пред некој месец. Истите оние кои му кажаа да лаже дека се сретнал со амбасадорот на Италија во Македонија, кога не се појави на суд. Истите кои пред формирање на Влада му рекоа да каже дека за промена на банкноти и униформи на војска и полиција мора да се менува устав, а ете сега владата пробува тоа да го промени со закон. Оние кои му рекоа да лаже дека не постои Албанска платформа/декларација. Мора да се тие некои многу лоши луѓе! МНОООГУ ЛОШИ!!!!

Страшното е што, по коментарите на социјалните мрежи дел од народот поверува во приказнава или барем се правеше дека верува. И тогаш Заев реши да ги разреши сите дилеми. Најпрво од Њујорк, овој пат на видео, порача дека истурањето на боја врз главата на уредник и новинар во Македонија е знак за слобода, за подоцна да му се извини на Геровски за истото и да го осуди  настанот. Во 5 часа, премиерот смени став. Тука веќе позицијата стана неодбранлива! Има две опции:

1. Зоран Заев многу лаже.

2. Зоран Заев има двојник со дијаметрално различни ставови.

Да биде уште потрагично, денеска Заев оствари официјална средба со Трамп. Се што требаше да направи тимот околу Заев и лично тој е само да почека 2 дена за да се пофали. Не дека средбата со Трамп  нешто ќе и смени на Макеоднија и на нас обичните граѓани ќе ни го подобри животот, но ете, ако веќе толку сакале да се пофалат, требало да почекаат. Зарем толку не можеа да издржат, па мораа да лажат? Или двојникот заеба?

На крајот, средба имаше и кога требаше се да се смири, министри од владата излегоа на протсети за чист воздух во Скопје, заедно со организаторите на протестот! А против кого протестираа? Против воздухот? Пошо само така би имал смисла протестот. Искачаш на протести, му се дереш на воздухот и тој види невиди се чисти. Сам, од срам. Друга логика нема! Во светот се протестира надвор од оваа логика. Таму се протестира пред институциите кои се задолжени за решавање на проблемот. Во овој случај пред министерството за животна средина и пред владата. Па надлежните под притисок од протестите, односно јавноста, да го решат проблемот. Кај нас, заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули, протестираше со граѓаните! И тој протестира против загадениот воздух со слоганите „нема воздух,нема мир” и „сакаме воздух, не се дише”. Нема мир?!!! На кого тоа Макрадули му се заканува? На себе или на воздухот? Трета опција е дека и тој има двојник. И Петре Шилегов и Дамјан Манчевски, Роберт Поповски,  Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, Златко Марин, сите имат двојници.  Па додека оригиналите работат 24 часа за нас, за подобро утре, реформи за „животот“, двојници им се шетаат по улица и праат глупости. Ок, оној на Заев и до Њујорк стигна, ама тој е двојник на премиер. Му се може.

Двојници! Тоа е проблемот на Македонија во моментов. Не знам како не ми текна порано, а толку беше очигледно. Невозможно е некој толку многу да лаже, а на Фејсбук да му стои слоганот: „ЗБОРОТ Е ЗБОР“, ако нема двојник. Е сега, кој од двојниците ја води државава, дали оној кој ќе донесе „живот“ или оној кој потпишува договори со Бугарија и носи против уставен закон за јазици (читај Албански јазик), тоа е ваше да си процените. Едно е сигурно, кога на избори гласате за едниот, ги добивате двајцата.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно