Дали законот за амнестија ќе важи за Велија Рамковски?

Предлог законот за амнестија на Владата на Р. Македонија, со кој е предвидено на осудениците да им се намали 30 проценти од казната, нема да важи за поранешниот сопственик на А1 телевизија, Велија Рамковски, но и за уште многумина други кои биле осудени за кривичното дело злосторничко здружување.

Во Предлог законот за амнестија, кој допрва треба да влезе во собраниска процедура, пишува дека амнестија не е предвидена за лица кои се осудени за кривичното дело злосторничко здружување. Рамковски, во случајот „Пајажина“, беше осуден и за ова кривично дело.

-Амнестија не се предвидува и за сторителите на кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од  Кривичниот законик, за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а, 418-в до 422) од Кривичниот законик на Република Македонија, се вели во сооптението на Владата, со кое даваат детали за предлог законот.

Рамковски во март 2012 година беше осуден на 13 години затвор, а во издржаната казна му се пресметува и времето кое го помина во притвор, од декември 2010 година. Ова значи дека Рамковски веќе одлежа седум години од казната, а му остануваат уште шест години. Доколку Законот за амнестија го опфатеше и него, тоа ќе значеше дека ќе му преостанат нешто повеќе од две години за издржување.

Во моментот Рамковски е на слобода, откако на 21 август излезе од затворот „Идризово“, поради привремен отпуст, кој го доби за лекување. Времето кое ќе го помине надвор од затворот, за лекување, не се вклучува во издржаната казна.

Коментари

Популарно