Семејството кое загина во Делчево имало билети за да замине во Австралија

Делчево жали за изгубените млади животи во вчерашната сообраќајна несреќа. Празничниот ден во градот овој 11 Октомври донесе страорна слика со празни локали каде нема или се слуша само класична музика. Сите се потресени од трагедијата која ги однесе животите на 32-годишниот Дејан,27-годишната Емилија и нивниот двегодишен син, објавува ТВ Стар.

Младото семејство Димитровски, имало планови пред себе. Според нивните пријатели, тие планирале засекогаш да се иселат од државата и да ја побараат својата ветена земја, каде ќе имаат услови за квалитетен живот.

-Ги познавав, ова е трагичен ден за цело Делчево. Оваа несреќа се надевам дека ќе ги сплоти сите делчевчани. Како и сите млади и тие се соочија со невработеност, со маките, беа принудени да го бараат патот надвор од Македонија, но за жал ете трагедијата ги спречи во нивните намери, вели жител на Делчево.

-Имам информација дека требало да патуваат денеска или утре за Австралија, причината не ја знам, бев со свеќа така се збореше, вели жителка на Делчево.

Младото семејство Димитровски загина вчера попладне враќајќи се од Скопје на десетина километри пред Делчево магистралниот пат Кочани Делчево во директен судар со камион натоварен со дрва.

Коментари

Популарно