Побарајте си ги парите, УЈП нема сама да ви ги даде

Управата за јавни приходи треба да им врати пари на околу 30 илјади фирми и домаќинства кои платиле за радиодифузна такса предвреме, за цела година. Граѓаните треба сами да си ги побараат парите назад, зашто УЈП нема да им ги врати по сопствена иницијатива.

Управата сеуште не дава детали како ќе го прави повратот, само кусо изјавија дека граѓаните имаат право да достават барање.

 „Граѓаните и фирмите кои ги имаат подмирено обврските по основ на радиодифузна такса заклучно со септември и имаат побарувачко салдо поради предвремено плаќање, имаат право да достават барање до УЈП за враќање на повеќе платените средства по основ на РДТ“ – велат од УЈП.

Откако со закон се укина оваа давачка, Управата соопшти дека септемвриската сметка е последна што треба да ја платат граѓаните. Но и дека нема да и прости на оние што не ги плаќале сметките изминатите месеци. УЈП ќе врши присилна наплата на должниците.

Според евиденцијата на даночниците, од вкупно 470 илјади обврзници, само 100 илјади редовно ги плаќаат сметки. Во првите шест месеци од годинава УЈП наплатила 86 проценти, односно собрала пет и пол милиони евра. Тоа е скоро 14 отсто помалку од лани и од она што било планирано за годинава.

Со новите законски измени Македонската радиотелевизија ќе се финансира директно од буџетот со 0,5% од вредноста или 14, 3 милиони евра на годишно ниво. Министерството за информатичко општество, во посебен закон кој сеуште е во процедура, предлага за МРТВ да се издвојува 0,7% од буџетот.

Коментари

Популарно