Груевски и Заев ќе се договорат, ние што правиме?

Една од најчестите „придобивки“ на демократијата се изборите. Ние како демократска држава имаме парламентарни и локални избори на секои 4 години, додека за претседател се гласа на 5 години. Победникот се одредува по различен модел на кој е организирано гласањето и тој добива мандат од 4/5 години. Ехххх ама да беше толку лесно...

Еве поминаа уште едни избори накои поразениот не ги призна резултатите. Или ги призна, ама не ги призна. Т.е. не ги призна, ама ги призна. За разлика од неколкуте претходни избори кога СДСМ не ги признаваше изборните резултати, во истиот момент кога ќе видеа дека се поразени, сега таа тактика ја примени ВМРО ДПМНЕ. Не ги напуштија изборите, одеа до крај, чекаа да земат некоја општина и потоа ги прогласија за нерегуларни онаму каде што не победија! Во општините во кои ВМРО ДПМНЕ освои градоначалници, изборите биле регуларни. Дури и местата во советите во општините во кои СДСМ освои повеќе од нив, ќе ги задржат, бидејќи секој глас за ДПМНЕ на овие избори е чист како солза, додека оние за СДСМ се нелегитимни! По истата логика денес тркнав до кладилница, со вчерашно ливче на кое имав изиграно 10 утакмици. 4 промашив, 6 погодив. Му викам на момакот на каса да ме исплати, пошо овие 4 биле наместени, потплатени, застрашувани, судијата им рекол ќе им дели црвени картони, ФИФА ќе ги суспендира.... ама дечково нејќе да чуе да пушти исплата. Ама друже, ВМРО, ама Груевски, избори а у, нерегуларни. ПОБЕДА!!! Јок, џабе, не дава пари. Мора да е некој „соросоид“!

Добарат вест е дека ВМРО ДПМНЕ ја примиле пораката од народот. Сфатиле зошто се казнети од своите симпатизери и неутралните. Јасно им е дека сите отстапки кои ги направија минативе неколку години им се удрија од глава. Затоа сега Груевски врти нов лист и бара предверемени парламентарни избори по договорот од Пржино?! А Пржино нели е отстапката за која ве казнија? Тоа ли е новиот лист?

И додека во ВМРО ДПМНЕ анализираат, државава ни се претвори во циркуз. Професор на факултет, поранешен градоначалник на Скопје и претседател на комисија која решава за дислокација на споменици низ главниот град, во интервју за „Музеј Југославије“ ни откри дека Македонија е измислена во 1946 година од страна на Југолавија. И не само државата туку и народот, нацијата, јазикот! И види чудо, него му пречи „Воинот на коњ“, одноно споменикот на Александар Македонски. Му пречи споменикот на Филип Втори. Ма се пред СФРЈ му пречи. Знае ли ликов дека во Македонија има сеуште живи луѓе кои се родени пред 46та? Јасно му е дека тие знаат дека се родени како Македонци? Или не е битно? Виситната не го интересира. Си фура пропаганда за која најверојатно е платен. Тоа што типчево е професор, ја прави целава ситуација страшна. Ама нема везе, ништо ново. СДСМ цела кампања ја исфура на „Зборот е збор“, па го слушам премиерот деновиве уште ја користи фразава. Абе мене ми е срам коа ќе го чујам. Озбилно, незгодно ми е. Па толку да се лаже и без срам да се тера „Зборот си е збор“? Ок, сфаќам, совест е мисловна именка за Заев, ама па дај бе чоек не ни вреѓај интелект. Срамота е.

26ти Март, 2012 година СДСМ бара намалување на акцизата на бензините од Владата на ВМРО ДПМНЕ

Новиот буџет, сега кога тие се на власт предвидува зголемување на акцизата за дизелот за 3.5 денари од литар! „Зборот си е збор“?!!! Ало Заев!!!! Барем ќути! Не го кажуј веќе! 204.000 возила во Македонија користат нафта. 99% од камионите во Македонија се дизел, ама од владата не уверуваат дека транспортот нема да поскапи?! Дури и откако денеска се јавија транспортерите и објаснија дека тарнпоспортот, а со тоа и производите ќе поскапат, владата вели дека нема! „Зборот си е збор“?!!! Истото е и со поскапувањето на ДДВ-то. 2-3% повисок данок на додадена вредност од 2018 година, но владата не уверува дека граѓаните нема да го осетат! 350 милиони денари ќе собере државата по основ на повиско ДДВ, но ние нема да осетиме? Како? Данок се собира од народот, не од Груевски, Мијалков, Јанкуловска.... туку од целиот народ. Како тоа ќе ни соберете повисок данок, а ние нема да осетиме? Ќе собирате данок у Кина? „Зборот си е збор“ нели? Земјоделците дознаа дека место ветените 160 милиони евра за субвенции, ќе добијат 136 милиони! И не, нема да добијат ветена зелена нафта по пониски цени, напротив нафата и на нив ќе им поскапи. „Зборот си е збор“!!! Ама и ова не е доолно, па во новиот буџет на СДСМ се предвидени 300 милиони евра задолжување во следната година! Барем засега толку, до кај Јуни ќе бидат најмалку уште една милијарда! „Зборот си е збор“? Така Заев? А плата нешо 500 евра, просек? А народот нели ќе го прашавте?

За сите оние кои сеуште не веруваат дека „Албанската платформа“ е реална и дека СДСМ ја има прифатено. Сите вие кои мислите дека „договорот со Бугарија“ не е штетен, и дека СЈО реално си ја брка работата. Сите кои не верувате дека во Приз, во куќата на Моне ќе се преговара за името... Сите кои сеуште верувате во „Зборот си е збор“, од 1ви Јануари и вие како мене, како сите, ќе си платите 3.5 денари повеќе за нафта. 2-3% повисок ДДВ. Некаде поскапа вода, а можно е и парно! Ај може тогаш ќе сфатите дека „Животот дојде“ вреди исто колку „Зборот си е збор“ кога го кажува истиот лик!

Една од најчестите „придобивки“ на демократијата се изборите, но само кога има за кого да гласаш. Кај нас таков луксуз немаме. Едниве не се баш сигурни дали избориве беа регуларни, па сеа анализираат, а другиве решија да преговараат за столбовите на идентитетот на Македонецот, додека нас ни го поскапуваат животот и сето тоа под „Животот дојде“ и „Зборот си е збор“. На крајот, тие меѓусебно ќе се договорат (најверојатно во Париз во куќата на Моне), ние што праиме? 

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно