Сме имале чудни ликови за премиери, но со Заев го допревме дното

Понекогаш се прашувам зошто го правам ова. Која е поентата да потрошам еден час пред тастатура обидувајќи се да склопам мисловна целост и некаков заклучок. Затоа има моменти кога ми се потребни повеќе од 7 дена за нов текст, еве како и овој пат. Не дека нема за што да се пишува, туку одамна истото нема ефект.

Колумнисти и ставови колку сакате, но резултат од истите, нула. Зошто тогаш да пишувам? За пари? Ок, ама можам да пишувам како Алиовски им ја скри топката на Норвежаните на празниот Градски и како сега кога имаме репрезентација немаме публика. Ама и тоа е поврзано со политика. За 3-4 години толку ни се исцица секоја ронка патриотизам и љубов кон државата, што сега ни на успех не се радуваме. РК Вардар е европски првак, македонски шампион и освојувач на СЕХА и пак игра пред речиси празна сала. Да не се Комитите, црвено црните слобоно можат сите натпревари да ги играат на гости. ФК Вардар е слаб во ЛЕ, а картите скапи. РК Вардар е премногу силен за ЛШ и СЕХА, а картите евтини. Оправдувањава смешни, но трибините празни....

Можеби,единствена причина и за овој текст, и за десетина наназад е обидот да се оправдам, искупам... пред себе и генерациите што доаѓаат. Ете во моментите кога го изгубивме идентитетот, името, јазикот, историјата... јас пишував и предупредував. Јасно ми е дека оваа генерација, сите кои сега сме полнолетни и живееме на овој простор или некаде далеку, но се чувствуваме како Македонци, сите до еден ќе бидеме бележани како предавници. Предавници на историјата, сегашноста и иднината. Предавници на она што ни припаѓа, но не сме го заслужиле.

Вицепремиерот најави, а и Заев веќе, намерно или не, кажа. Ново име е спремно, треба само да се договори како ќе се употребува. Тоа од него го барал народот во Македонија, бидејќи 75% барале влез во Нато?! Референдум во гостувањето во Црна Гора не се спомна. Се спомнаа многу глупости и лаги, во негов стил, но референдум НЕ!

Во 26 години самостојна Макеодонија, сме имале чудни ликови за премиери, ама со Заев го допревме дното. Да искочиш на црногорски медиум и да кажеш дека Русија организирала атентат во Црна Гора при влезот на земјата во Нато и дека сега стручњаците ти велат дека тебе ти е ред, а да немаш апсолутно никаков доказ за тоа, освен провокација кон Русија е и рушење на имиџот на Македонија(ако ни остана имиџ).  Следниот ден Владата со соопштение дека Заев не мислел така. Па добро бе, не ви здосади? Јадеше живи луѓе, ама не мислеше така. Беше во Израел, ама не мислеше така. На средба со амбасадорот на Италија, ама не мислеше така. Двојазичност, ама не мислеше така, Се сретна – не се сретна со Трамп, ама не мислеше така.... ОК е сфативме, во Македонија ви помина, затоа што ВМРО ДПМНЕ не постои, но зарем мислите дека ќе ви помине и со држава како Русија? Или не ви е гајле?

Кога пред 10тина дена се појави за прв пат, предлог буџетот за 2018 година, Македонија требаше да се задолжи околу 300 милиони за тековната година. Тогаш напишав дека до Јуни таа бројка ќе биде 1 милијарда, ама ќе морам да се поправам. Веќе вчера се појави финалната верзија на Буџетот и во неа се предвидува 860 милиони задолжување во 2018, што значи ќе одиме и повеќе од мојата прогноза. Минимум 1.5 милијарди задолжување за 365 дена. Со среќа.

Од оваа влада очекував исполнување на албанската платформа и се што подразбира истата: договор со Бугарија, менување на името за Грција, двојазичност итн, но не очекував колапс на економијата за 150 дена. Веќе од Јануари секој од нас убаво ќе ја осети неспособноста и лимитираниот капацитет на ликовите кои до власт се дочепаа на улица. Цената на нафтата, даноците и се што тоа ќе повлече, а многу наскоро и огромното покачување на сметките за електрична енергија. Да, знам, за дел од вас ова е проВМРОвски текст, ама од Јануари вие со ваши пари ќе плаќате се поскапо. И да воздухот ќе биде исто загаден (ако не и повеќе), паркингот во Центар вртоглаво поскап, Македонија ќе го има најголемиот буџет во историјата, а задолжувањето .... веќе ви кажав.

Но, сето ова веќе сит го знаете. На мал дел му одговора, затоа што сега тие се на власт. Тие се новата „Фамилија“. Нив ги разбирам. Вас другите ве прашувам, што сега? Ќе се гушите во смогот и високите сметки и ќе глумите дека е подобро или? Пленуми, шарени, студенти, средношколци.... улица нешо или сега никој ве плаќа? Режим, правда, мир? За ова ли се „боревте“?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно