Во Битола отворена изложба посветена на Денот на албанската азбука

Денот на албанската азбука – 22 Ноември со кој годинава се одбележуваат 109 години од Битолскиот конгрес на кој таа била стандардизирана и денес се одбележува со повеќе активности под покровителство на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија Хазби Лика, задолжен за спроведување на Рамковниот договор.

Попладнево во НУ Музеј на албанската азбука беше отворена изложба со дела на група уметници кои во Битола реализираа уметничка колонија и на која се насликани портрети на 11 делегати на Битолскиот конгрес.

– Денот на албанската азбука е ден достоен за почит. Огромна е придобивката, пред се за градот Битола што ваков настан се случил во градот. Ние ја поддржуваме установата Музеј на албанската азбука и таа сама по себе покажува успешност во работењето и затоа ја ужива поддршката на Министерството, рече меѓудругото министерот за култура Роберт Алаѓозовски за време на свеченото отворање на изложбата.

На свеченоста во Битола присуствуваа претставници на јавниот живот од градот и државата, министри и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кои вечер во големата сала на НУ Центар за култура-Битола ќе проследат свечен концерт.

Како што е познато на 14 ноември 1908 година во Битола бил свикан Битолскиот конгрес со цел да се создаде унифицирана азбука која ќе биде и почеток на албанската литература. На конгресот присуствувале 150 делегати, кои дошле од Албанија, како и од албанските заедници во Романија, Италија, Грција, Турција, Египет, Америка итн. Претседател на Конгресот бил албанскиот дипломат, писател и политичар Митхат Фрашери.

Коментари

Популарно